Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Со усвојување на трите нацрт закони во Собранието на Косово, се овозможува трансформација на косовските безбедносни и формирање на официјална армија на Косово, јавуваат косовските медиуми.
Како што јавува Коха диторе, нацрт законите се усвоени по забрзана постапка и едногласно.
Одлуката, која доаѓа по повеќегодишни обиди, е поддржана од САД и Германија, но ѝ се противат ЕУ и НАТО, кој во моментов ги чува границите на Косово. Коха пишува дека Србите се во „состојба на тревога“ поради опасноста од влошување на ситуацијата, и бараат интервенција од меѓународните претставници.
Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, изјави дека е направена процена на ситуацијата на Косово и Метохија и дека за сѐ е информиран и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„До доцна синоќа имавме средби со претседателот на Србија и врховен командант на српската војска Александар Вучиќ. Тој е информиран за секој детаљ за сѐ она што се случува на просторот на Косово и Метохија, не само од претставниците на српската војска, туку од сите безбедносни служби“, кажа Вулин.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека жали што косовскиот парламент донел одлука за трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС) во армија и покрај забраната на алијансата.
„Иако трансформацијата на КБС во принцип е нешто за кое одлучува Косово, ние јасно ставивме до знаење дека потегот доаѓа во погрешно време“, порача Столтенберг.