Косово го одложува за еден месец менувањето на српските регистрации – северот на државата уште под блокади


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Иако Косово реши да го одложи за 30 дена воведувањето на мерките со кои државата ќе ги менува српските регистарски таблички и документите, граничните премини Јариње и Брњак сè уште се затворени, јавуваат српски медиуми.

Исто така, на северот на Косово се појавија билборди со порака „ Добре дојдовте во Заедницата на српските општини“.

Барикадите на патиштата Јариње-Косовска Митровица и Брњак-Косовска Митровица не се отстранети, тешки товарни возила сè уште ги блокираат овие патни правци. На патот Јариње-Косовска Митровица има барикади на три места, а на патот од Зубина Поток кон Косовска Митровица во месноста Зупче сè уште има тешки товарни возила, така што е невозможно да се стигне до Косовска Митровица, јавува репортерот на Н1.

Тој додава дека никој нема информации кога овие патишта ќе бидат повторно отворени за сообраќај, иако се очекуваше тоа да се случи по одлуката на Приштина.

„Според неофицијални информации, тоа може да се случи во текот на денот, можеби до пладне, но никој официјално не ни потврди“, вели репортерот на Н1.

Сообраќајот на преминот Мердаре се одвива нормално, јавува репортерот на РТС. Синоќа имаше колона од пет до шест километри, на преминот се чекаше час и половина, но од утрово нема метежи и се чека само 10 минути. На преминот чекаат Албанци кои се враќаат од западните земји на одмор во родната земја, пренесува РТС.

Билборди „Добре дојдовте во ЗСО“ на северот на Косово
Сите четири општини на северот на Косово утрово се разбудија со порака „Добре дојдовте во Заедницата на српските општини“.

На билборди низ Косовска Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан е испишана пораката „Добре дојдовте во ЗСО“.

Владата во Приштина утрово го одложи спроведувањето на мерките за менување на српските регистарски таблички и документи за еден месец. Оваа одлука, како што пренесуваат српски медиуми, е донесена по средбата на косовскиот државен врв со американскиот амбасадор Џефри Ховени. САД побараа спроведувањето на одлуките да се одложи за 30 дена. Овој чекор го поздрави специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Локалните Срби на северот на Косово вчера со барикади и камиони го блокираа северниот дел на земјата откако Приштина најави дека од ќе почне да ја применува одлуката за пререгистрација на возилата и документите на српските граѓани кои ќе влегуваат во Косово.

Владата на Косово планираше да започне со издавање на т.н. документи за влез и излез за сите српски државјани кои влегуваат во Косово. Денеска требаше да стапи во сила и одлуката за пререгистрација на автомобилите со акроними на градовите на Косово кои ги издава Србија.