Кортенхорст: Чистата енергија и обновливите извори сè повеќе предничат во економската трка


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Долги години, експертите од институтот „Карпести планини“ (РМИ) тврдеа дека транзицијата кон чиста енергија ќе чини помалку и ќе се одвива побрзо отколку што очекуваат владите, фирмите и многу аналитичари. Во изминатите години, оваа перспектива беше целосно оправдана: трошоците за обновливите извори на енергија постојано опаѓаа побрзо од очекуваното, додека распоредувањето се одвиваше побрзо од предвиденото, резултирајќи со уште пониски трошоци. Благодарение на овој циклус, обновливите извори на енергија доживеаја бум. Сега, новите анализи на две докажани истражувачки институции само го дополнуваат огромното количество податоци, кои покажуваат дека брзата транзиција кон чиста енергија е најмалку скапиот пат напред.

Политичарите, деловните лидери и финансиските институции треба итно да ги разгледаат ветувачките импликации од овој развој. Покрај одржувањето на Климатскиот самит во Глазгов, императив е светските лидери да признаат дека постигнувањето на целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степени не значи правење жртви, туку искористување на шансите. Преговарачкиот процес мора да се реконструира, така што помалку ќе се однесува на споделување на товарот, а повеќе на профитабилната трка за примена на почисти и поевтини енергетски технологии. Со оглед на тоа што светот веќе страда од екстремни временски неприлики предизвикани од климатските промени, брзата транзиција кон чиста енергија исто така има доблест да стане најбезбедниот пат напред. Ако не успееме во оваа историска задача, ризикуваме не само да изгубиме илјадници милијарди долари туку и дополнително да ја втурнеме цивилизацијата кон опасниот и потенцијално катастрофалниот пат на климатските промени.

Може само да се претпостави зошто прогнозерите со години ги потценуваа намалувањето на трошоците и забрзаното темпо на распоредувањето на обновливите извори на енергија. Но резултатите јасно покажуваат дека лошите предвидувања поддржаа илјади милијарди долари инвестиции во енергетската инфраструктура, која не само што е поскапа туку е и поштетна за човечкото општество и целиот живот на планетата. Сега можеби имаме последна шанса да ги поправиме пропуштените можности низ годините. Или ќе продолжиме уште да трошиме илјади милијарди долари на системи што се погубни за нас или ќе се свртиме побрзо кон поевтини, почисти и понапредни енергетски извори на иднината.
Новите студии покажуваат како би се одвивала брзата транзиција кон чистата енергија, вклучувајќи ја и нуклеарната. Од Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) велат дека обновливите извори на енергија ја следат истата крива на експоненцијален раст како минатите технолошки револуции. Оттаму истакнуваат дека енергетската транзиција ќе продолжи да привлекува капитал и да гради сопствена динамика. Но овој процес може и треба да биде поддржан за да продолжи во најбрз можен рок. Политичарите што сакаат да ја поттикнат промената мора да создадат поволна клима за оптимален проток на капитал.

Испитувањето на минатите енергетски револуции открива неколку важни согледувања. Прво, штом нова група технологии ќе го поминат гестацискиот период, капиталот станува широкодостапен и, второ, финансиските пазари привлекуваат промени. Актуелните сигнали од финансиските пазари покажуваат дека сме во првата фаза од предвидената енергетска транзиција, со спектакуларни подобри перформанси од новите енергетски сектори и намалувањето на рејтингот на секторот за фосилни горива. Тука мудрите политичари може да пристапат за да ја воведат неопходната институционална рамка, за да се забрза енергетската транзиција и да се реализираат економските придобивки од градењето на локалните синџири на снабдување со чиста енергија. Ваквата промена веќе е во тек, како што е нагласено во извештајот на ИРЕНА.

Дополнувајќи ги откритијата од извештајот на ИРЕНА, една скорашна анализа на Институтот за ново економско размислување (ИНЕТ) на школата „Мартин“ од Оксфорд покажува дека брзата транзиција кон чисти енергетски решенија ќе заштеди илјади милијарди долари, покрај тоа што ќе ги запази целите утврдени со Парискиот климатски договор. Побавното распределување би било финансиски поскап отколку побрз процес и би предизвикало значително повисоки климатски трошоци од катастрофи што може да се избегнат, како и влошување на животните услови. Благодарение на експоненцијалниот раст, забрзаниот пат на обновливите извори на енергија е еминентно остварлив, така што, според извештајот, светот би можел да генерира енергија со нето нула емисии во рок од 25 години.

Во извештајот на „Блумберг“ се наведува дека, според „конзервативните процени“, брзата транзиција кон чиста енергија ќе заштеди 26 илјади милијарди долари во споредба со продолжувањето на денешниот енергетски систем. На крајот на краиштата, колку повеќе градиме соларна, ветерна, па и нуклеарна енергија, толку поголеми се намалувањата на цените за тие технологии.

Згора на тоа, во својот одговор на студијата на ИНЕТ, Бил Мекибен од 350.орг истакнува дека цената на фосилните горива нема да падне и предупредува дека токму затоа што соларната и ветерната енергија ќе им заштедат пари на потрошувачите, индустријата на фосилни горива ќе продолжи да ја забавува транзицијата за да ги спречи сопствените загуби. Затоа не треба да дозволиме понатамошно одложување. Од суштинско значење е светските лидери да разберат дека веќе имаме почисти, поевтини енергетски решенија што се подготвени за употреба. Остварувањето на целите од Парискиот климатски договор не значи дека треба да направиме жртви, туку дека треба да ги искористиме шансите. Ако сега се фатиме за работа, ќе заштедиме илјади милијарди долари и ќе спречиме климатска катастрофа.

Извор: Нова Македонија