Коронавирусот во светот го разгоре и расизмот


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Последниов период, паралелно со рапидното растење на заболени и мртви во Кина од новиот вид на коронавирус, во светот беше предизвикан и бран на антикинеско расположение, со кое се разгоре расизмот и сегрегацијата врз национална и расна основа.

Од продавници кои им забрануваат влез на кинески туристи, преку злобно исмевање на кинеската трговија со месо до ненадејни здравствени прегледи на странски работници – светот некако безумно забега во неразумни крајности и невкус во моменти кога Кина, а во последно време и други земји, се соочуваат со сериозна ситуација, пренесува Мкд.мк.

Вирусот зарази илјадници луѓе во светот и ја надмина епидемијата на САРС во 2002-2003 и се предвидува дека здравствената криза ќе ѝ зададе силен удар на втората по големи светска економија.

Во Кина, каде за првпат се појави на пазар во Вухан, вирусот однесе 170 животи, според најновите официјални податоци. Повеќе од стотина случаи се пријавени во други држави, од Јапонија до САД.

Повеќето држави кои ги зафати се наоѓаат во југоисточна Азија, која има чувствителни односи со Кина поради загриженоста околу огромните инвестиции на Пекинг во инфраструктурата и политичкото влијание врз регионот и споровите околу суверенитетот во Јужното Кинеско Море.

Меѓутоа, дури во Франција, еден весник се најде на удар на критики поради насловот „Жолта тревога“ во алузија на историскиот западен расистички термин „жолта опасност“ со кој се сеел страв од азиското влијание, додека властите и училиштата во Торонто предупредија да не се дискриминираат Кинезите во Канада.

Весникот брзо се извини и соопшти дека намерата не била да се користат некои од „најлошите азиски стереотипи“.

Азијците во Франција, каде досега се потврдени четири случаи, се соочуваат со предрасудите на улиците и на социјалните мрежи каде го користат хаштагот „Не сум вирус“ (#JeNeSuisPasUnVirus), пренесува Би-би-си.

„Предрасудите кон истокот, плус политичката недоверба, плус здравствената загриженост, претставуваат прилично моќна комбинација“, вели за Ројтерс Шарлот Сетиајди, антрополошка која предава на универзитетот за менаџмент во Сингапур.

Тоа што вирусот се појави на пазар каде нелегално се продаваат диви животни, во социјалните медиуми предизвика исмевање на побарувачката во Кина за егзотични деликатеси и состојки за традиционалната медицина.

„Престанете да јадете стаорци“, напиша еден корисник на Твитер на Тајланд, главната дестинација на кинеските туристи. „Не изненадува тоа што Кинезите создаваат нови болести“, напиша друг тајландски корисник со видео од маж како јаде сирово месо.

Кина претходно соопшти дека епидемијата не би требало да се политизира.

„Затоа што вашата земја почнува да шири болести… не прифаќаме да служиме гости од Кина“, гласи соопштението на англиски јазик пред хотел во централниот виетнамски град Да Нанг. Властите подоцна му наложија на хотелот да го отстрани соопштението.

Виетнам, кој одамна беше под кинеска окупација и ги оспорува големите претензии на Пекинг во Јужното Кинеско Море, има особено тензични односи со Кина, наведува Ројтерс.

Над 60 отсто државници и академци на југоисточна Азија одговорија во анкета спроведена месецов дека не треба да ѝ се верува на Кина. Речиси 40 отсто кажаа дека ја сметаат за ревизионистичка сила која планира да ја подведе југоисточна Азија под својата сфера на влијание, пишува Ројтерс, и додава дека во анкетата не се ни спомнувал вирусот. Голем број земји им воведоа визни ограничувања на патниците од провинцијата Хубеј – епицентарот на вирусот, додека некои авиокомпании ги суспендираа сите летови за континенталниот дел на Кина.

Меѓутоа, тоа не е доволно за стотици илјади луѓе во Јужна Кореја и Малезија, кои потпишаа онлајн петиции со повик до властите да им забранат влез на Кинезите.

Кинескиот туристички бум создаде шаблон на меѓународни патувања без преседан во човечката историја и голем раст на компаниите кои им служат на кинеските туристи низ светот. од малиот број во 1980-тите, се проценува дека во 2019 имало над 160 милиони кинески туристи.

Меѓутоа, претходно неделава, група кинески туристи во Паданг, на индонезиска Западна Суматра, беа дочекани со транспарент со пораката: „Ние, заедниците од Западна Суметра, одбиваме посета на кинески туристи“.

Функционерите на Мјанмар почнаа ненадејни здравствени прегледи на кинеските работници во северозападната област Сагаинг откако локална пратеничка ги обвини дека го шират вирусот.

Пратеничката Аунг Мај Ји на Фејсбук објави дека пет возила со кинески работници преку границата стигнале до локација за експлоатација на бакар во близина на градот Лерпадаунг и дека е нејзина „национална должност“ да ги предупреди властите.

„Прво помислив дека доаѓаат нелегално и дека се кријат таму поради вирусот“, изјави таа за Ројтерс, и додаде дека со проверката било утврдено дека нивните документи се легални и дека немаат симптоми на болеста.

Економијата на удар

САРС, тешкиот акутен респираторен синдром, кој уби околу 800 луѓе, ја чинеше глобалната економија 33 милијарди долари.

Економистите стравуваат дека влијанието врз глобалниот раст овој пат ќе биде посилен бидејќи Кина сега е поголем дел од светската економија.

Низа големи компании ги прекинаа активностите во Кина, меѓу другите Гугл и шведска ИКЕА. Јужнокорејски Самсунг по празничниот одмор сѐ уште не отворил некои кинески погони за производство.

Меѓу авиокомпаниите кои ги прекинаа летовите во Кина се Луфтханза, Ер Канада, Американ ерлајнс, Бритиш ервејс и Ер Франс.

Ројтерс наведува дека креаторите на политиката се нервозни и дека Кина беше главна тема на конференцијата за новинари на шефот на американските Федерални резерви Џером Пауел.

„Економијата на Кина сега е многу значајна за глобалната економија и кога ќе забави кинеската економија, и ние тоа го чувствуваме“, кажа Пауел.

Улиците на многу кинески градови се главно пусти, а туристичките атракции се затворени.