Корисните ефекти на денското преспивање


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Резултатите од најновото истражување објавено во списанието „Слип хелт“ (Sleep Health) откриваат причинско-последични врски меѓу вообичаената дремка и поголемиот вкупен волумен на мозокот. Податоците се земени од Биобанката на Обединетото Кралство – обемна база на податоци на над 500.000 возрасни лица на возраст од 40-69 години.

Користејќи го методот наречен „Менделова рандомизација“, истражувачите ја анализирале поврзаноста меѓу дневните навики за спиење на испитаниците и нивните мозочни особености, како што се волуменот на хипокампусот, времето на реакција, визуелното помнење и вкупната зафатнина на мозокот. Се открива дека оние кои практикуваат спиење дење, имаат поголем волумен на мозокот.

„Волумен на мозокот“ звучи малку апстрактно, но тоа е од клучно значење за целокупното здравје на нашиот највитален орган, велат наводите. Според други испитувања, поголем вкупен волумен на мозокот значи намалена опасност од смртност.

Како што човекот старее, зафатнината на мозокот има склоност кон намалување, а целта е да се забави тој процес. Одамна е познато дека добриот сон може да помогне во заштита на мозокот, па и ова ново истражување потврдува дека и краткото преспивање преку ден може да помогне во тоа. Претходните истражувања покажаа дека дремката исто така е полезна и во зајакнувањето на когнитивната функција и за поголема енергичност во текот на денот, што ја прави уште покорисна секојдневна навика.