Корисни совети како да одберете маска за заштита од загадениот воздух


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Енормно загадениот воздух во есенско-зимските денови кај нас стана правило, а не исклучок. За жал, таа е реалноста со која сите се соочуваме, против која сите „гласно“ крикнуваме (на социјалните мрежи), ама против која никој не презема ама баш ништо. Вклучително и ние, еднакво и надлежните служби и органи.

Поради тоа, една од главните алатки по која повеќето од нас (во очај и немоќ) посегнуваат е заштитната маска против загаден воздух.

Во тој контекст, веднаш треба да ви биде јасно дека заштитните хируршки маски и оние специјално наменети за заштита од загаден воздух ни приближно не се со иста функционална намена и никако немојте да ги мешате и да се лажете дека хируршка маска ќе ви заврши „колку-толку“ работа против ПМ честичките. Тие не се доволно цврсто залепени за лицето, па воздухот влегува од сите страни, а нивната примарна функција е да го заштитат пациентот од евентуалните бактерии на хирургот.

Кога станува збор за маски за заштита од загаден воздух, исклучително важно е да се проверат и ознаките што ги има на самата маска.

Така на пример маските со ознака N95 заштитуваат од 95 проценти од честичките во воздухот, N99 заштитуваат од 99 проценти од честичките, додека N100 штитат од 99,97 проценти од честичките во воздухот. Сите овие маски штитат од честички, но не ги елиминираат мирисите на издувните гасови.

Различните типови на филтри со траење од неколку часа, па до неколку месеци при нивно активно користење, ги разликуваат типовите на самите заштитни маски. Во секој случај важно е да се инвестира во квалитетна заштита, дури и ако треба да се плати малку повеќе, а ако е потребно во старт набавете повеќе заменливи филтри.