Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Најфудбалската земја на светот, Бразил, ќе биде во центарот на вниманието во следните три недели. Од вечерва, па се до 7 јули, Бразил ќе биде домаќин на јужноамериканското првенство, популарната Копа Америка.
Ова издание на првенството на Јужна Америка, 46-то едноподруго, почнува в сабота рано наутро според средноевропско време, со мечот Бразил – Боливија во Сао Паоло.
Мечевите ќе се играат во пет града, на шест стадиони, а финалето на најголемиот, „Маракана“ во Рио де Жанеиро, на 8 јули. Сао Паоло пријави два стадиони – „Морумби“ и „Арена Коринтијанс“, а ќе се игра уште во Порто Алегре, Бело Хоризонте и Салвадор.
Титулата ја брани Чиле, кој славеше на јубилејното 100-то издание на Копа Америка. Вечерва Лео Меси, Луис Суарез, Хамес Родригез, Габриел Жесус и многу други ѕвезди ќе ја започнат битката по континенталната титула, па Копа Америка ветува големи возбудувања бидејќи ќе биде врвно фудбалско збиднување ова лето.
Историја и традиција
Ова е турнир кој е постар дури и од Светското првенство. Ако за првиот Мундијал се чекало до 1930 година, Копа Америка првото издание го имала во 1916 година. Аргентина била домаќин на шампионатот, а Уругвај е запишан како прв победник.
Рекордер според бројот на титулите е Уругвај со 15 (седум на домашен терен), а потоа следуваат Аргентина со 14, Бразил со осум, по две имаат Парагвај, Чиле и Перу, а Колумбија и Боливија по една.
Традицијата вели дека домаќинот најчесто го освојува трофејот. Вкупно 21 пат домаќинот на Копа Америка ја освојувал титулата. Бразил четири пат бил домаќин и сите четири пати бил победник на турнирот, последен пат во 1989 година.
Од таа титула на Бразил на домашен терен, домаќини што славеле биле уште и Уругвај во 1995 година, Колумбија во 2001-та, и Чиле во 2015 година.
Формат и гости на турнирот
Според форматот, има 3 групи по 4 репрезентации. Понатаму одат само првите две селекции од секоја група, како и две најдобри третопласирани. Овој систем функционира од 1993 година со исклучок на претходното издание во 2016-та година кога учество земаа 16 репрезентации и турнирот се прошири на цела Америка а не само на Јужна.
На Копа Америка од 1993 година играат по две селекции што не се од Јужна Америка, на првенството од сабота тоа ќе бидат Катар и Јапонија.
Фудбалската федерација на Јужна Америка за пополнување на бројот на репрезентации за настап на Копа Америка реши од 1993 година да поканува по две репрезентации од други континенти, со што оттогаш на тој турнир играат по 12 селекции. Така, досега на Копа Америка играле главно репрезентации од Северна Америка, и тоа Костарика, Мексико, Хондурас, Јамајка, Хаити, САД и Панама, но и две од Азија, Јапонија, која годинава ќе игра вторпат (првпат во 1999 г., играше во групната фаза), и Катар, кој ќе дебитира на првенството што почнува в сабота.
Најголем успех од поканетите селекции оствари Мексико, кој во 1993 година и во 2001-та стана вицешампион на Јужна Америка. Мексико има и три трети места (1997, 1999 и 2007 година), а еднаш бронза освои и Хондурас (2001). Од другите, САД двапати беа четврти (1995 и 2016 година), а во четвртфиналето двапати играше Костарика (2001 и 2004).
Бразил и без Нејмар најголем фаворит
Кога се работи за фаворитите за трофејот, секогаш на листата има три селекции. Бразил, Аргентина и Уругвај. Овој пак „кариоките“ иако ќе играат без својата прва ѕвезда Нејмар, сепак важат за најголеми фаворити.
После бледото учество на минатата Копа Америка и доаѓањето на новиот селектор Тите, Бразилците изгубија само два пати на 35 меча од кои едниот во четвртфинале на Светско првенство.
Бразил игра моќно со репрезентации од својот континент. Во квалификациите за Светско 2018, Бразил на 12 меча собра 32 бода со гол разлика 33:3. Иако од тогаш досега поминаа скоро две години, Бразил не е ништо послаб.
И според букмејкерите Бразил е прв фаворит и му даваат коефициент 2.10, како втор фаворит важи Аргентина со коефицинет 4.50, а трет фаворит е Уругвај со коефицинет 8.00.
Се е спремно за спектакл, ноќеска во 2:30 часот по наше време започнува јужноамериканското фудбалско „лудило“ со мечот Бразил – Боливија.
Дали „кариоките“ ќе ја израдуваат домашната публика, или Меси конечно ќе го победи „проклетството“ и ќе освои трофеј со репрезентацијата, останува да видиме!