Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Уставниот суд ја вади од фиока три години старата иницијатива за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за помилување од 2016 година. Законот беше изгласан веднаш откако бившиот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, ги даде контроверзните аболиции со кои амнестираше 56 лица истата година, за да може да ги повлече од сила.
Со ова повторно оживеаја сомнежите дека се прави обид за „враќање во живот” на спорната аболиција при што од кривичен прогон ќе се спасат речиси сите кои беа осомничени и обвинети од СЈО. Кој е подносител на иницијативата од Уставен не откриваат со образложение дека лицето може да има последици по безбедноста.
Шестмина уставни судии завчера ги надгласале тројцата свои колеги со што успеале да ја стават на дневен ред за расправа иницијативата. Според информации кои ги пренесува Канал 5, ЗА поведување на постапка гласале судиите Јован Јосифовски, Никола Ивановски, Владимир Стојановски, Елена Гошева, Вангелина Маркудова и Насер Ајдари. Против биле судиите Дарко Костадиновски, Осман Кадриу и Сали Мурати.
Вообичаено, уставните судии ги потврдуваат своите мислења и при конечното гласање, кое се очекува за околу еден месец. Доколку судиите останат на своите ставови, клучно ќе биде дали одредбата ќе се укине или поништи..Ако се укине, во иднина шефот на државата нема да може да повлече веќе донесена одлука за амнестија. Но ако се поништи ќе се однесува и на амнестијата на Иванов.
Сепак, без разлика на тоа каква ќе биде конечната одлука на Уставниот суд, активирањето на амнестиите може да се спречи единствено автентиочно толкување на членот 11 од Законот за помилување, кој му дава право на претседателот да дава амнестии без претходна постапка. Но, спорно е дали тој воопшто постои во законот, со оглед дека беше избришан со измени во законот во 2009 година. Пред амнестијата на Иванов, Уставниот суд ги укина тие измени, но прашање е дали со тоа го „оживеа“ членот 11, бидејќи единствено Собранието има надлежност на законодавец..
Министерката за правда Рената Дескоска побара од Собранието еднаш засекогаш да го затвори ова прашање.
Ставот на Уставниот суд е дека со самото тоа што во 2016та Собранието донело дополнување на членот 11, со став 11 а, практично признало дека тој е „жив“. Дополнувањето на членот го направи претходниот собраниски состав, кога мнозинсинтвото го имаше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Иванов донесе одлука за аболиција на 56 лица во април истата година, но по жестоките протести и реакциите од меѓународната заедница, месец и пол подоцна, прво делумно, а потоа и целосно ја повлече одлуката.