Констракта е единствена која во полуфиналето ќе настапи на мајчин јазик – ние уште не знаеме нашата дали воопшто ќе настапи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Евровизиската претставничка на Србија на овогодинешниот Евросонг, Ана Ѓуриќ Констрака, е единствената пејачка која во втората полуфинална вечер ќе настапи на мајчин јазик, без ниту еден дел од песната отпеан на англиски јазик.

Таа на сцената ќе се претстави в четврток, 12 мај, на втората полуфинална вечер.

Ова им било интересно на медиумските екипи во Торино, па ја прашале српската претставничка зошто донела таква одлука.

– Вашата песна е толку заразна. Дали сте сигурни во тоа дека песната изведена на вашиот јазик може да ја разберат сите? – прашала една новинарка.

„Па, се испостави дека да! Рековте дека е лесно се памети“, рекла Констракта и објаснила дека не сакала да ја преведува песната, бидејќи на тој начин „би изгубила многу од неа“.

Ана Ѓуриќ на отворањето на Евровизијата раскажала дека песната ја напишала додека го шетала кучето. Многумина ги интересирало како таа го снимила, забележала текстот.

– Снимам на телефон некои работи коишто во моментот ми паѓаат напамет, а на некои се сеќавам подоцна – изјавила Констракта, која додала дека во последно време главно на тој начин ги создава песните.

Од друга страна, три дена по настанот со Андреа Коевска и македонското знаме, кој ја вознемири јавноста, по што јавниот сервис МРТ со остра осуда порача дека се разгледува можност за нејзино повлекување од Евровизија, одлуката се уште не е донесена.

Во меѓувреме, македонската евровизиска делегација составена од седум лица, кои заминале на настанот во Италија, останува таму да ја чека конечната одлука, дали Македонија воопшто ќе настапи на втората полуфинална вечер на 12-ти мај, или пак целиот тим ќе се врати назад.

Од МРТ за „Фокус” изјавиле дека ќе има соопштение на темата, бидејќи одлуката се носи на повеќе нивоа, а се чекал став и од ЕБУ.

Појаснуваат дека во македонскиот евровизиски тим кој од Скопје заминал во Италија имало седум лица, односно Андреа, придружните вокали, Мери Попова која е шефица на делегацијата, режисер, шеф на прес и авторот Александар Масевски.

Неофицијално, од денес требало да им се приклучи и лице задолжено за шминка, како и сопругата на Масевски, Билјана Пашариковска, која помагала околу настанот, но таа би патувала во приватен аранжман.

Од МРТ првично информираа дека и против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за скандалот, но и по три дена, нема информација што конкретно ќе биде преземено.