Advertisements
Музика

Кон „IX9“: Кога џезот кризира, Sethstat поентира

Се погоди, баш така, којзнае дали случајно, или своевидно судбински, неколкукратното преслушување на новиот албум од Sethstat под „шифра“ „IX9“ да се поклопи со не така малата афера околу контроверзната распределба на буџетски средства во рамки на програмата за 2019 година од Министерството за култура.

И можеби е подобро што моето лично собеседништво со пресното од Владан, Васко, Панче, Павел, Гоце и гостинска компанија, поточно речено, се вкрсти со драмата околу статусот на културата во 2019 година и „местото на џезот во таа програмска каша-попара. Некако, убаво ми дојде тоа повторно отрезнување кое го носи секој нов февруари кога се објавуваат годишните културни програми, чисто за лично преиспитување дали можеби и јас во мојот личен музички вкус и слушачки дискурс малку не сум претерал со џезот и неговото величање.

Во првиот пасус од епското музичко историографско писание посветено на џезот со тенденциозен и романтичен наслов „The Story of Jazz“, авторот книгата, музикологот и џез критичар Маршал В. Стернс, преку една анегдота од еден музиколошка конференција, веројатно најдобро ја позиционира и дефинира субјективноста во поглед на музичкиот вкус (а јас ќе додадам и невкус, додавка која ќе ја оправдам подоцна), која намерно или ненамерно се наметнува како неодминлив фактор кај секој поклоник на различни музички правци.

Во една од конференциските дискусии, еден музиколог специјализиран за класична музика изнесува еден, по многу нешта, релативизирачки, а истовремено и субјективизирачки став обраќајќи му се на музикологот Чарлс Сигер: „Знаете, јас не го мразам џезот. Мислам дека е доста важен и со сигурност заслужува сериозни проучувања. Проблемот е во тоа што сите џезери го третираат џезот како нешто свето, свето, свето!“

Сигер на тоа му реплицирал: „Добро, но дали и ти не ја третираш областа на класичната музика, во која си специјализиран, како нешто свето?“ Типот суетно му одговорил: „Но, ТОА НАВИСТИНА Е СВЕТО!“.

Јас ниту сум музиколог, ниту експерт за џез, уште помалку за неговата историја или пак, во помегаломански рамки, некој писмен музички зналец од областа на класичната музика. Сепак, најискрено и двата музички правци еднакво ги третирам како свети музички форми во мојава музичко-слушачка наобразба, дефинираност и искуство. Причината за таквата сакрализација е чисто субјективна, но со објективна предлошка. И класичната и џез музиката, во прилично сензитивни периоди од животот, во различни временски сегменти, ми извршиле огромно, незамисливо моќно влијание врз изградбата на карактерот, на емоционалната настројба, на естескиот вкус и светоглед, на сфаќањето и толкувањето на реалноста онаква каква што ја живееме, но и онаква каква што ја замислуваме, па сакаме да ја превреднуваме и преобликуваме. Кратко кажано, ме дефинирале како битие во најопшта терминолошка смисла. Ми ги дефинирале обемноста, спектарот и цврстината на животната херменевтика.

А кога нешто како џезот толку многу повлијаело во еден човечки живот, во една сублимирана животна емоција, како во случајот на екипата од Sethstat, што им станало не само естетска, туку и професионална животна определба и стил на живот, апсолутно тврдам дека никој и ништо не може да ја подрие и оспори неговата сакралност од нивна перспектива.

Евидентен доказ за таа фактичка состојба на музичкиот израз и стил како сакралност кај гореспоменатите „џинови на џезот“ е нивната најнова албумска експресија во формат на носач на звук кој на големо изумира во светски рамки, издадена под кодно име „IX9“.

Токму во таа нужност за неколкукратно преслушување на еден џезерски албум од калибар каков што е „IX9“ пред да се дефинираат оптималните импресии кои можат да бидат преточени во искрено и конкретно глаголение, во таа комплексност на џезерскиот израз, лежи и „мистеријата“ за неговата сакралност. Предизвкот, во најопшта форма и смисла, е еден од суштинските двигатели на човечката општествена и цивилизациска опстојба и прогрес. Еднакво и во музиката. Она кое те (ме) тера неколку пати да му се навратиш за да го „разбереш“, е истото тоа кое те мотивира да се надоградуваш, духовно и карактерно да се издигнуваш.

А ние, како општество кое е дел од колективната човечка култура, во најмала рака се должни и имаме морална и цивилизациска обврска и одговорност не само да ги афирмираме, туку и поддржуваме и промовираме таквите уметнички вредности. Дури и до степен на сакралност, зошто да не. Сакралното е токму такво само во сооднос на нешто кое го дефинира во рамки на една сеопфатна цивилизациска дамнешна оставштина и современа реалност.

Она што е евидентно од аспект на музички израз кој е застапен на „IX9“, според мојата повеќе аматерска слушателска внимателност, е фактот дека не само што џезерската енергија на Sethstat е присутна во полн изблик, туку во повеќе наврати се потврдува како ерупција на стил кој прогресира заедно со годините, искуствата и професионалните предизвици и перипетии на екипата зад инструментите.

Да бидам субјективно искрен, сигурен сум дека Солунчев можел и повеќе и подобро во делот со „римувачката зборовна гимнастика“ од албумот. Или барем го паметам и поимам како подобар, пометафоричен и похиперболичен, похерметичен, а со тоа и попредизвикувачки во неговиот израз и стил. Но, веројатно ништо не е во рамки на, условно речено, „нормалната креативна отстапка“. Од друга страна, ќе си дозволам да издигнам едни „афионски“ соло партии од тромбонот на Владан како стожер на сета емоција, дух и душа кои перманентно оживуваат и се преживуваат со секое наредно преслушување. Длабоко, елегично и продорно од и до најсредето на индивидуалните естетски рецептори и духовни сфери. Громко, а кревко, моќно, а сепак нежно.

Сето пред и после нив е една одлично стегната, моќна, динамична, тензична џезија која со леснотија излегува од онаа „скафандерска стегнатост“ на омотниот лик од албумот, за да се распрсне во сите страни, со една џезерска безредна космологичност низ пустината зад него, со цел да ја облагороди и значенски исполни со ритми проектирајќи се во секое нејзино зрно песок. Сето тоа, на крајот од албумот ќе ве остави со прочистен дух, надразнета естетска настројба и пулсирачка дивост во емоциите.

На крајот, да се навратам на почетокот од ова скромно и искрено писание, за „програмираната“ култура и нејзината смисла и суштина. Не треба нешто да биде свето, за да биде поддржано од надворешни финансиски извори и фактори, па биле тие и ресорни министерства. Не е ни нужно само затоа што нешто има традиција, дека мора да биде поддржано. Во суштина, сите големи уметнички имиња, уметнички потфати, дела и струи, биле поддржувани со народни средства, на овој или оној начин, со самото тоа што биле под меценство на властелини или владејачки класи кои своите богатства ги црпеле од најниските слоеви, па нагоре. Но, не тоа не значи апсолутно сите, туку оние кои се истакнувале над другите според вредносни квалитети. Што значи, ако нешто вреди според одредени критериуми – вреди и да се поддржи.

А во тој поглед, „деветката“ од Sethstat со сигурност ги наметнува не само тие реперски, туку и повисоки критериуми за општествена музичка вредност. До ниво на сакралност.

Токму кога, во институционален поглед, џезот „кризира“, Sethstat со „IX9“ поентира. Со прогресивност, квалитет и вредности. Право во епицентарот.

И за крај, да го оправдам доследно и оној од мене додаден „невкус“ во еден од погорните пасус. За жал, во поглед на личниот влог за музичка и естетска перманентна надоградба кој кај огромен дел од балканската популација останува на ниво на турбо-фолк, а кој се претвора во колективна состојба и дијагноза, не само естетска, туку и квази-културолошка и духовма, дури и самиот турбо-фолк денес е издигнат и третиран на ниво на светост. Е па, кога може тоа, зошто да не и класиката, зошто да не и џезот. За среќа, ги имаме тука, дома, фраери како Sethstat и уште многу други како нив, да ни го крепат и духот, и настројбата, и вкусот.

Издавач: PMG Jazz

Александар Еленин

Advertisements
To Top