Advertisements
Актуелно

Комплетиран кабинетот од Пендаровски – еве кои му се советници на претседателот

Новиот претседател Стево Пендаровски го комплетираше својот претседателски кабинет со советниците кои ќе му бидат најблиски соработници во претстојниот претседателски мандат.

Советник за национална безбедност ќе биде Блерим Кољали, кој во претседателскиот кабинет доаѓа по 12 години советнички ангажман во Мисијата на НАТО во Скопје, пренесува Фокус.

Дипломатот од кариера од МНР, Гоце Карајанов, ќе биде за советник за надворешна политика. Тој е син на Стојан Карајанов, поранешен амбасадор во Косово и во Албанија, а пред да замине во Москва, беше генерален конзул во Њујорк.

Билјана Радева, пак е именувана за советничка за односи со јавноста. Радева од 2011 година работеше во Британската Амбасада во Скопје како раководител на службата за комуникации и дигитална дипломатија, а претходно има петгодишно работно искуство од Министерството за одбрана – три години како експерт за аналитика и две години (2006-2008 г.) како шеф на кабинет на министерот Лазар Еленовски. Таа е дипломиран професор по англиски јазик и книжевност и магистер по толкување.

Советничка во кабинетот, задолжена за односи со лицата со посебни потреби, ќе биде Љуљета Адеми. Трансферот на Миле Бошњаковски од Владата на позицијата генерален секретар во кабинетот на претседателот и ангажирањето на професорот од Правниот факултет, Александар Спасов, за политички советник, веќе беа јавно соопштени.

Пендаровски ангажира и неколку надворешни советници: поранешниот министер, амбасадор и универзитетски професор Денко Малески, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, уставна судијка и претседателка на ДИК, Мирјана Лазарова-Трајковска и проректорката на Универзитетот на Југоисточна Европа, професорка по казнено право, Беса Арифи, поранешниот министер Александар Димитров и амбасадорот во пензија Александар Тавчиовски.

Јавно внимание предизвикува и новото решение за директор на Агенцијата за разузнавање. Станува збор за Еролд Муслиу, актуелен помошник-директор за координација на оперативни работи, кој е во оваа институција од нејзиното основање во 1995 година. Муслиу има диплома од Факултетот за безбедност.

Advertisements
To Top