Компаниите и банките – која должи кредити, а која живее од камати?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Само 8 од 30 македонски компании чии акции котираат на берзата имаа поголеми финансиски приходи од финансиски расходи, покажува анализата на билансите на успех за првите девет месеци годинава на котирани компании од следниве сектори: градежништво, металургија, метални конструкции, фармација, трговија, производство на храна, угостителство, производство на вина и пиво, телекомуникации, земјоделство и снабдување со топлинска енергија, пренесува Економија.

Во анализата не се опфатени банките и помали компании третирани така врз основа на вредноста на имотот со кој располагаат или врз основа на приходите што ги остваруваат.

Кои се компаниите за кои работат банките?

На прво место Македонијатурист скопскиот угостителско-хотелиерски гигант е компанија која има најповолен сооднос на финансиските приходи и финансиските расходи. За првите девет месеци приходите од вложувања, заеми и курсни разлики се 33,8 милиони денари и од финансиските расходи се повисоки за 32,5 милиони денари.

Ако се изземе Макптрол кој заради големината и природата на работата има најголеми финансиски приходи, Македонијатурист е втора на таа ранг листа иако според приходи од продажба и според актива е многу помала компанија од повеќе компании кои се предмет на анализата.

На второ место е Прилепска пиварница која има позитивна разлика од 25,1 милиони денари за првите девет месеци помеѓу финансиските приходи и финансиските расходи. Трет е големиот Гранит кој годинава успеа за оствари суфицит на финансиските приходи во износ од 22,8 милиони денари.

Некои познавачи на состојбите ценат дека кај Гранит за разлика од Македонијатурист и од Прилепска пиварница финансиските приходи идат од курсни разлики меѓу доларот и денарот. Имено, непотврдено официјално, договорот на Гранит со странски партнер е изразен во долари и склучен пред доларот да зајакне годинава. Тоа создало нови финансиски приходи од курсни разлики. Кај првите две компании за разлика од Гранит финансиските приходи се дел на нивните вложувања во депозити или акции или други хартии од вредност.

Во „добитните“ компании очекувано се најде Тетекс кој има суфицит од 12,35 милиони денари, а од тоа над 7 милиони денари е од удел во придружено друштво. Но тука се уште и незабележливата АутоМакедонија во суфицит од 15,5 милиони денари и феноменалниот државен Градски трговски центар кој има финансиски приходи од 12,6 милиони денари и нема финансиски расходи  во првите девет месеци годинава!

Кои фирми се главни пациенти на банките?

Очекувано главни на листата се Макпетрол и ОКТА. Макпетрол има финансиски расходи , од кои најмногу се камати за кредити, во износ од 79,6 милиони денари за првите девет месеци.

ОКТА има 66,7 милиони денари што е 1,1 милиони евра финансиски расходи за девет месеци годинава. Трет на листата е големиот Макстил чии финансиски расходи се 57,7 милиони денари за девет месеци.

Голем плаќач е и битолскиот земјоделски комбинат Пелагонија која за овој период има финансиски расходи од 52,4 милиони денари. Следна е Топлификација со 46,4 милиони денари и Тиквеш со 45,8 милиони денари. Финансиските расходи на Македонски телеком се 35,7 милиони денари.

А Тутунски комбинат Прилеп од почеток на годинава досега за камати платил 36,9 милиони денари што е повеќе од 600.000 евра. Скопски пазар има финансиски расходи од 32,4 милиони денари, а Жито Лукс платил кон банките 27,4 милиони денари.