Комората за туризам и угостителство тврди: Угостителите би работеле и со половина капацитет


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според истражувањето кое го спровеле од Туристичко-угостителската комора, тие тврдат дека угостителството е еден од најпогодените сектори во земјата, кој од средината на месец март годинава со уредба од Владата беше затворен, се со цел превенција од вирусната инфекција.

– Генералната слика е дека угостителите трпат големи штети од пандемијата, тешко ја пребродуваат кризата со понудениот пакет економски мерки, а голем дел од нив нема да се во можност во целост да започнат со работа и по олабавување на мерките и можноста да ги отворат своите капацитети, истакнува потпретседателот на Туристичко угостителската комора, Мартин Ангеловски, кој потенцира дека во истражувањето учествувале мали и средни претпријатија од сите градови во земјата.

По однос на тоа „дали угостителите се подготвени да започнат со работа со половина од расположливите капацитети“, односно според најавата со скратено работно време и ограничен простор за работа, 59 отсто одговориле потврдно, односно дека се подготвени, додека 41 проценти дека не се подготвени за делумно функционирање.

На прашањето „дали се информирани за безбедносните мерки кои треба да ги применат при отпочнување со работа, кои се поврзани со превенција од Ковид-19 на вработените и гостите“, вкупно 78 отсто одговориле дека до сега не добиле, односно немаат информации за посебни безбедносни мерки за работа, а 22 проценти одговориле потврдно.

Во однос на економските мерки, на прашањето „дали се задоволни од понудената мерка на Владата да даде поддршка во висина од 9.000 денари или бруто плата од 14.500 денари“, 95 отсто одговориле дека не се задоволни, а само 5 проценти дека се задоволни.

Дополнително, 90 отсто од угостителите одговориле дека за нив не е прифатливо што обврската по однос на ДДВ не е одложена за период од шест месеци, по завршување на кризата. Дури 93 проценти од угостителите одговориле дека не се задоволни од тоа што нема мерка за одложувањето на плаќање на режиските трошоци, струја, вода, комуналии.

Воедно 70 отсто од угостителите одговориле дека очекуваат дополнителна финансиска поддршка од страна на Владата по започнување со работа.

– На прашањето дали Владата треба да преземе мерки во однос на подигнување на свеста на посетителите на угостителските објекти дека се преземени сите неопходни мерки за заштита и безбедност“, 69 проценти сметаат дека Владата треба да спроведе кампања со прецизни инструкции за заштита на вработените и гостите од Ковид-19, изјави Ангеловски, додавајќи дека како резултат на моменталната состојба на пазарот и мерките кои се преземени, 60 отсто од угостителите би продолжиле со работа со истата дејност, а 40 проценти се изјасниле негативно.

Истражувањето ја отсликува реалната состојба со секторот угостителство, за која угостителите алармираат уште од стартот на пандемијата. Во таа насока, во периодот што претстои, почеток на работа на угостителските капацитети, од исклучителна важност е засилување на дијалогот со релевантните институции, континуитет во информациите и дискусија со претставниците од секторот пред да се донесат идни мерки, се посочува во соопштението на Комората.