Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Задолжителен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа при влез во државата за граѓаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина е предлогот на Комисијата за заразни болести кој утрово го достави до Владата. Здравствените експерти бараат оваа мерка да се воведе уште од утре за да се спречи внесување на вирусот и ширење во нашата држава. Засега се исклучува можноста за затварање на границите за жителите на овие четири држави.
„Вирусот во овие земји е многу проширен што значи дека ние мора да се заштитиме. Ова е сосема соодветна мерка, согласно последните податоци мораме да ги заштитиме нашите граѓани. За овие четири држави денеска до Владата поднесовме барање за нивните граѓани на влез во нашата земја задолжително да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче
Од Комисијата соопштија дека препораката е донесена по разгледувањето на актуелната епидемиолошка состојба во земјите и согласно информациите добиени од тамошните медицински власти.
Во Србија каде вчера имаше 299 новозаболени е воведена вонредна состојба во 16 града а Белградвикендов повторно ќе биде во карантин. Во Косово е воведен полициски час во неколку града а во Босна и Херцеговина каде во моментов има 2.700 активни случаи бројките секојдневно растат.
Засега не е закажна седница на Владата на која ќе се разгледува предлогот на Комисијата, но техничкиот премиер Оливер Спасовски, потврди дека тоа е приоритет.
„Да, денеска има таков предлог од Комисијата за заразни болести, ќе го разгледаме во најитен момент и врз основа на тоа ќе донесеме одлука“, изјави Спасовски.
163 новозаболени, 8 жртви но и 230 оздравени пациенти е билансот во последното деноноќие на епидемијата на коронавирусот во Северна Македонија. Бројката на починати се искачи на 359 лица.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент на возраст од 59 години. На Клиника за токсикологија е почината пациентка на 79 години, кај која присуството на вирусот е потврдено постмортем. Во ГОБ „8 септември“ починати се четворица пациенти на возраст 58, 61,62 и 66 години. Во ОБ Тетово почина пациент на 53 години. Во Филип Втори е починат пациент од Дебар на 52 години“, соопштија од министерството за здравство.
Од почетокот на епидемијата во Северна Македонија, 26 февруари, вкупно се заболени 7.406 лица а во моментов активни се 3.493.
Најголем број од нив се во Скопје – 1.895 заболени. Во Тетово има 343 активни случаи, во Струга и Охрид по 181, во Куманово – 174, во Штип – 159 и во Гостивар каде има 109 заболени.
„ Изминатите неколку денови има тренд на помлку хоспитализирани пациенти во болницитепред се на Инфективната и Градската болница и многу повеќе испишани. По долг период денеска има под 100 во Градската болница. Бројката беше 130 изминатите две до три недели. Се надевам дека овие трендови ќе продолжат и понатаму“, рече министерот Филипче.
На Инфективната клиника се хоспитализирани 89 пациенти а 57 д нив се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 1 дете позитивно и 1 суспектно на вирусот.Во Градската болница „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани се 97 пациенти а тројца се на респиратор. Во болницата во Битола се хоспитализирани 45, а во болницата во Штип се хоспитализирани 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 106 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.