Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Иако денес имаше драстично повисок број на новозаразени од КОВИД-19 во едно деноноќие, дури 89 нови пациенти во само 24 часа, и седум починати, здравствените власти тврдат дека и покрај трендот на зголемување, ситуацијата сè уште е под контрола бидејќи случите се од веќе познати кластери од контактите со заразени.
Но овој тренд на зголемување, според анализите ќе продолжи и следните три дена, рече министерот за здравство, Венко Филипче. Тој очекува како што се случи со Сарај, каде што денеска имаше само 2 нови случаи, во текот на следните денови да имаме намалување и во Студеничани и Чаир и со тоа ќе се нормализира ситуацијата.
Меѓу заразените има и народни избраници. Заразен е пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која вчера учествуваше во делењето на флаери како дел од изборната кампања. Поради овие случаи, во самоизолација е и вицепремиерката, Мила Царовска и министерот Дамјан Манчевски и Марјан Забрчанец, бидејќи имал контакт со заразено лице, а во самоизолација е и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу од ДУИ.
Зголемувањето на бројот на заразени ја замисли и Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, како што е отворањето на границите. Министерот Филипче, дури рече дека многу е рано да се зборува на тоа прашање.
Досега Србија, Бугарија, Албанија и Косово ги отворија границите. Косово со услов доколку сакате да ја преминете границата, мора да имате тест (негативен) за Ковид-19, кој не е постар од четири дена. Тестовите во нашата држава се прават само ако имате контакт со заразени или имате симптоми од Ковид-19. Но, министерот Филипче не ја исклучи можноста во моментот кога ќе се отворат границите, условите за тестирање да бидат променети или истите нема да важат воопшто ниту во земјите од регионот. Нема одлука за отворање на градинки, бидејќи скринингот сè уште не е завршен.