Коментар: За Сребреница, Катин, Тито… и денешните демонстранти


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Сребреница, 11 јули 1995 година.

Раце врзани позади грб, стрелање на жртвата од позади и закопување во масовни гробници. Оваа метода НЕ ја измислил Ратко Младиќ и останатите будали кои денес продаваат јуначки приказни во Хаг. Оваа метода е прв пат применета во Полска, близу селото Катин. Единиците на НКВД (подоцна КГБ) тогаш за прв пат го промовираат овој моетод кој овозможува за кратко време да бидат елеминирани голем број на луѓе, кои според нивните стандардни, едноставно не требале да постојат. Според полковникот Сопроненко, еден од организаторите на масакрот кај Катин, ова било најбрз начин на ПРОЧИСТУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО.

Неколку години подоцна, бившиот агент на НКВД Јосип Броз, организира масовни стрелања во истиот стил. Јазовка, Лисичин Поток, Пасје Гробље, Колубара, Туро Поље, итн, итн. Еден од најголемите титови џелати, Александар Ранковиќ-Лека, како шеф на тајната полиција во периодот 1945-1951 има извршено околу 3,8 милиони апсења, од кои секој трет бил малолетен. Огромен дел од овие луѓе не биле воопшто судски процесуирани, туку биле затворани, ослободувани, или пак ликвидирани со директен налог од единствената партија. Објаснувајки ги своите постапки, Ранковиќ ја користи истата терминологија, дека на таков начин се ПРОЧИСТУВА ОПШТЕСТВОТО од нелојаните граѓани.

По распадот на брозовото царство, југословенските кадри облекоа националистички дресови и почнаа да ги ПРОЧИСТУВААТ новите општества на ист начин како што ги учел менторот од поранешно НКВД. Со врзани раце позади грб, стрелање без судење, и закопување во масовни гробници. Системот можеби се распаднал, меѓутоа колективистичката логика дека за доброто на општеството некои луѓе треба да исчезнат, е жива и денес. Жива е и методологијата на владеење, според која државата се задолжува обезбедувајки им работа на лојалните партиски кадри. Од Вардар, па се до Тргилав постојат Влади кои се длабоко компромитирани од страна на тајните служби, каде сеуште владеат кадрите на поранешна УДБА.

Југословенското проклетство сеуште се чувствува на секој чекор. Додека не биде уништено неговото семе, Балканот ќе биде обвиен во криминална темница каде ќе егзистираат единствено поранешните брозови кадри и нивните транзициони копилиња.

Поздрав до денешните демонстранти кои покажуваат нескриени амбиции за создавање на ЧИСТО ОПШТЕСТВО. Сребреница е тажен доказ кој покажува кон што водат таквите идеи.

Пишува: Виктор Трифуновски