Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Медиумите на големо трубат за војната на Ноу Камп, во која главни протагонисти се двете легенди на Каталонците, едниот со аргентинско, а другиот со астуриско потекло. Требаше да се случи грозоморниот масакр од Шарли Ебдо за светското внимание за момент од Барселона да се префрли во Париз, но за кратко. Војната продолжува, а со тоа и известувањата од фронтот.
И како во секоја војна, освен битки има и многу заткулисни игри, ’разузнавачки служби’ во ликот на разни ’извори’ кои имаат своја цел. Некои да ја турнат Барса од врвот, некои да исфрлат свој кандидат за претстојните избори на Камп Ноу, некои само да долеат масло врз огнот.
Како и да е, ситуацијата е комплексна. Не се работи само за фронт во кој главни противници се Луис Енрике и Лионел Меси, туку за релативно контролиран хаос во кој секој се обидува да добие, на сметка на некој друг. Првата голема жртва падна – Баскиецот кој долги години ги бранеше Каталонците доби отказ, а по него сам си замина и легендарниот капитен. Зубизарета и Пујол веројатно ќе чекаат подобри денови да се вратат кај своите.
Но, што со војната? Ризикот е преголем, не се работи само за клупата на Луис Енрике, туку влогот е и претседателско место, дури и идеологија: „Повеќе од клуб“. Така барем гласи слоганот на Барса кој има длабоко значење кај љубителите на овој клуб.
Но, последниве години Барса не е повеќе од клуб. Затоа што еден играч станува поголем од Барса. Погодувате? Лионел Меси! Најдобриот фудбалер на сите времиња – фудбалскиот Мајкл Џордан! И споредбата со Џордан веројатно е најдобра – Џордан беше Бог на Булс, контролираше се`. Но, кога си замина Џордан си замина и Булс од сцената.
Токму тоа може да се случи и со Барселона, доколку не покаже дека е повеќе од клуб. Само за потсетување за помладите, Каталонците никогаш не дозволуваа еден играч да се наметне над клубот. Без разлика дали се викал Ромарио, Стоичков, Роналдо, Ривалдо, Роналдињо…. се досега!
Кулминацијата веројатно е достигната со податокот дека наводно Меси веќе го избрал наредниот тренер – ќе го враќа од ’мртвите’ Франк Рајкард, Холанѓанецот кој неславно си замина од Ноу Камп, токму бидејќи не можеше да ги смири суетите на Роналдињо, Ето и тн, и уште понеславно ја заврши тренерската кариера…. во Саудиска Арабија.
Се враќам на насловот – зошто треба да победи Луис Енрике, иако е далеку поверојатно дека ќе ја загуби војната.
Прво, бидејќи беше доведен како клупска легенда која ќе знае да се наметне над авторитетот на ѕвездите во Барселона.
Второ, бидејќи наметна филозофија со која Барса нема да си дозволи да губи ако на Меси не му се игра, како во поголемиот дел од ланската сезона. Имено, со разигрувањето на Нејмар, Суарез и Ракитиќ, Енрике сака да го постигне токму тоа – клубот да не биде премногу зависен од најдобриот.
Трето, бидејќи е иновативен, а Барса од еднобојна (само со бојата на Меси) стана ’шарена’. Тоа го покажува цело време, изнесе формација против ПСЖ која ни Гвардиола не ја искреирал, а донесе резултат. Освен Меси сезонава погодуваат скоро сите, како до 2010г кога Пеп го постави Лео во центарот на нападот и во центарот на Вселената кај Каталонците.
Четврто, го среди одбранбениот дел од тимот – најболната точка која со години беше нерешлив дел. Со Луис Енрике, и покрај киксот со Вермален, и иако не му беше доведена ѕвезда во одбраната, Барса се помалку прима голови.
Петто, бидејќи се труди од сите да го извлече најдоброто. Маскерано се враќа во дефанзивниот среден ред, Бартра се повеќе созрева, Нејмар има повеќе можност да ја покаже својата луцидност, Меси е оставен со огромна слобода…
Шесто, бидејќи сезоната е во тек, а Барса е во игра на сите фронтови. И покрај киксовите во Ла Лига, против Реал, Селта и Сосиедад, сепак до мај има уште многу време и многу шанси. Конечно, во првата сезона досега само Гвардиола донесе спектакуларни резултати, додека ’Специјалниот’ сам истакнува дека резултатите доаѓаат во втората.
И за крај на Лучо мора да му биде овозможена подршка. Не заради него, туку заради клубот. Навивачите мора да застанат не зад тренерот или играчот, туку зад својот клуб. И додека тимот игра добро, има резултати, и е во игра за сите трофеи, Енрике мора да добие поддршка. Доколку ја нема, и оваа сезона уште на средината ќе дојде до својот крај.
Пишува: Костадин Стојаноски, за Спортски.мк