Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Дали Грција и дел од Европа ќе тргнат по стапките на Аргентина и Венецуела? Следните претседателски избори во Грција, закажани на 17 декември во грчкиот парламент, би можеле да предизвикаат предвремени парламентарни избори во кои фаворит би била екстремната грчка левица Сириза, предводена од популистот Алексис Ципрас. Па, ако им се верува на инвеститорите во Грција кои веќе „ги пакуваат куферите“ таквиот исход е многу веројатен.
Заговарајки масовна државна потрошувачка, игнорирајки ги предупредувањата од кредиторите, а поготово движењата на берзите, Ципрас би вовел економски мерки слични на оние кои ги гушат Аргентина и Венецуела во последниве години. Понатаму се знае, за дополнителното влошување на економијата виновни ќе бидат меѓународните финансиски корпорации, а не револуционерите на власт.
Сириза има план според кој сите грчки граѓани би добивале бесплатна струја и вода, би пораснале пензиите, би имало обемни субвенции за градежништвото, би биле избришани долговите кон банките на многу граѓани, итн. Тоа подразбира уште поголемо задолжување на државата…долгови кои понатаму би ги откупувала Европската Централна Банка (ЕЦБ).
Колку што знам, Ангела Меркел жестоко се спротивставува на идеата за откуп на државните долгови од страна на ЕЦБ, така што ваквите планови тешко би можеле да се изведат со заедничката евро-валута. Но, доколку Ципрас наиде на поддршка во Брисел, Еврото ќе биде во невоља, бидејки откупот националите долгови од страна на ЕЦБ ќе го загрози неговиот курс. Доколку тоа не се случи, би следело патетично сценарио на Атина според кое „народната власт“ во Грција, ќе разгласи дека е оневозможена да го „спаси сопствениот народ“ поради притисоците на наводните финансиски насилници.
Ситуацијата во Аргентина е многу слична на второво сценарио. Во 2013 година Владата во Буенос Аирес трајно неможеше да ги финансира обврските (што по дефиниција е банкрот) па посегна по печатење пари. Но, кога Аргентинското Пезо почна нагло да ја губи вредноста, и поготово кога излезе во јавност информацијата дека Владата ги преполовила девизните резерви во само две години, кредиторите од Вашингтон ја провалија целата шема и го намалија кредитниот рејтинг на Аргентина согласно стандардите за банкротирана земја.
Кристина Де Кирхнер, која е актуелен претседател на Аргентина, огорчена поради поразот на нејзината планска економија, најпрво измисли приказна според која само Аргентинското Пезо било во криза, но не и целата земја. Кога таа приказна не помина, таа почна да цмиздри по цел свет „објаснувајки“ како проклетиот финансиски пазар и ги срушил „хуманите планови“ кои, да се подсетиме, почнаа со масовна конфискација на приватен имот, а продолжуваат со девалвација на валутата која ги погаѓа токму најсиромашните.
Понатаму, дел од програмата на Сириза е и радикално зголемување на даноците (што исто така беше видено, и во Аргентина, и во Венецуела) особено за побогатите Грци. Посебно е интересен делот од партиската програма, според кој, Владата на Сириза би вовела масовна контрола врз цените во сите стопански сектори. Државната контрола на цените се сведува на политички притисок за намалување на цените под нивната пазарна вредност. Како функционираат ваквите мерки на дело може да се види по денешна Венецуела. Трговците немаат интерес да тргуваат, пазарот оди во илегала, и почнуваат да јакнат криминалците.
Границата меѓу Венецуела и Колумбија денес е преплавена од шверц на основни животни продукти, рафтовите во продавниците се празни, додека многу поранешни нарко босови од Колумбија сега тргуваат со брашно, зејтин, шеќер, кафе, па дури и со тоалетна хартија.
(стандарден супермаркет во Венецуела, нешто слично како Југославија во 80-те)
Доколку победи на изборите, Ципрас би бил европска варијанта на Хуго Чавез. Незнам дали би ги приредувал истите дипломатски скандали како бившиот претседател на Венецуела, ама сум ептен сигурен дека влошувањето на грчката економија под негово водство, ќе го продава низ целиот свет преку емотивни говори, комбинирани со некомплетни информации. Ќе одржува „револуционерни“ самити, форуми, пленуми, конференции, трибини и други собири, барајки поддршка од соборците во Европа и пошироко. Ќе држи лекции по хуманост и планска економија пред групи од незадоволни студенти, нереализирани интелектуалци, неупотребливи уметници, филозофи пролетери, ултра-екологисти, и останати уфилмани „спасители на светот“.
Како Македонија да се однесува во целата ситуација? Многу би погрешиле доколку со симпатии го следиме неговото идеолошко тролање. Македонските медиуми тоа навистина го правеа пренесувајки ги гафовите на Чавез во полемиките со официјалните представници на САД, представувајки го Чавез како морално супериорна фигура . Деновиве гледам емисии посветени на оној црвен кловн од Боливија, Ево Моралес, кој наводно ја подобрил економијата на сиромашната земја од Лат.Америка. Не би се зачудил доколку и Ципрас биде пречекан со слични симпатии, што би било добра основа за појава на сличен популизам и овде. Тоа би било голема грешка!
Македонија треба прво да промени одредени членови од законот за девизно работење, со кои се ограничуваат нерезидентите при депонирање на средства во нашите комерцијални банки. Доколку Ципрас тргне во конфискација, би било за очекување дел од грчкиот капитал да заврши кај нас, а за тоа да се случи со поголем интензитет, потребна е уште поголема економска либерализација. Македонија треба да продолжи со подобрување на условите за привлекување странски капитал, во очекување истиот да почне да ја напушта Грција.
Доколку победи Сириза, меѓународната левица тоа ќе го представи (отприлика) како „уште еден триумф на револуцијата“. Тоа е вокабулар кој многу лесно проаѓа во држава која е генерално разочарана од транзицијата, како што е Македонија. Но како и да е, евентуалниот триумф на ваквиот грчки популизам, има огромни шанси да го влоши нивниот имиџ во ЕУ. Тоа пак би било шанса повеќе за нас, да ги подобриме своите позиции во однос на проблемот, кои тие го создадоа во однос на нас.
Пишува: Виктор Трифуновски, претседател на Либертаријански клуб Атлас