Колумна: Подалеку од мојот џеб


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во последниов период доста е актуелен новиот закон за плаќање придонеси за хонорари. Закон за кој во јавноста се крева голема прашина. Закон против кој се поотворено се противат голем број граѓани и граќански организации.

Овој закон, кој е предвидено да стапи на сила од 1 јануари предвидува граѓаните за приходот оставарен преку хонорарна работа да мора да плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување и наместо досегашните 10% персонален данок, давачките ќе достигнат до 45% од вкупниот износ.

Оправдувањето на Владата за овој закон е дека добар дел од фирмите одбегнуваат да плаќаат придонеси, на тој начин што нивните вработени ги пријавуваат како хонорарни работници. Меѓутоа реалноста е далеку поинаква.

Со носењето на овој закон, се намалува атрактивноста од вработување на хонорарци, заради високите давачки, со што компаниите и организациите ќе ангажираат помалку хонорарци и нивните хонорари ќе бидат помали.
Несомнено, државата со ова ќе може на хартија да прикаже помала невработеност, но реалната ситуација ќе биде далеку од таква.

Најконтроверзниот момент од овој закон се студентите и редовно вработените кои имаат и хонорарни ангажмани. Редовно вработените кои имаат и дополнителни хонорарни активности, од 1 јануари, ќе треба да плаќаат двојно пензиско и здравствено осигурување, едно од нивната постојана работа и едно од хонорарот, а реално ќе корисистат само едно. Додека пак редовните студенти кои имаат хонорарни активности, со плаќањето на пензиско и здравствео осигурување, си допишуваат работен стаж на нивното конто, во период кога не смеат да бидат постојано вработени.

Целосно го поддржувам бунтот и протестот на граѓаните и граѓанските организации против овој закон, меѓутоа сметам дека тој не смее да се ограничи само на придонесите за хонорарците.

Ова е вистински момент кој македонските граѓани треба да го искористат, безразлика дали се постојано вработени, дали се хонорарци или се невработени, и да го кренат својот глас и да ја избркаат долгата рака на државата која посегнува и по приватните џебови.

Ова е моментот кога треба да се побуниме и против тие 45% од нашата плата која оди за давачки за кои и не сме се согласиле. И при тоа не мислам само на давачките од хонорарната работа, туку и од платата која ја добиваме од редовно вработување.

Треба да го искористиме овој момент и овој период на бунт да го отфрлиме задолжителното пензиско и здравствно осигурување, кое полека но сигурно оди кон пропаст. Без разлика дали сакаме да признаеме или не, ситуацијата покажува дека големи се шансите идните генерации, па дури и сегашните да не видат никаква корист од истото. Треба да го искористиме овој момент да превземеме контрола врз нашиот паричник, врз средствата кои се плод на нашиот труд.

Добар дел од граѓаните на Македонија, не се противат на овие задолжителни придонеси, бидејќи тие ги плаќа работодавецот, а тие си го гледаат само нето приходот кој легнува на нивните сметки.

Сегашниот систем на пензиско осигурување е базиран врз солидарноста и правен во период со поголем број на вработени во однос на пензионери. Со други зборови, сегашните вработени плаќаат за сегашните пензионери. Со оглед на тоа што бројот на вработени во однос на пензионери е до толку намален, што можно е и изедначување, системот почнува да тоне. За да биде издржлив државата мора да се задолжува или да зголемува давачки, како што се задолжителни придонеси за хонорарни работници.

Мора час поскоро да го замениме овој систем и да преминеме кон вториот пензиски столб и кон третиот приватен столб, каде што секој граѓанин самостојно ќе одлучува што ќе прави со неговите приходи.

Со неплаќањето на овие задолжителни придонеси ќе дојде до зголемување на платите и без закон за минимална плата, а граѓаните сами ќе одлучуваат каде и како ќе ги трошат своите пари. Исто така се отвара можност за нови вработувања, бидејќи се намалуваат давачките на работодавеците.

Јас сум сопственик на мојот паричник, а не државата, затоа подалеку од мојот џеб.

Наум Локоски
апсолвент на политички студии