Колумна: Храната да биде бесплатна за сите?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Зарем не звучи убаво: „Сиромашните најадени, богатите-незбогатени“?

Деновиве се актуелни предлозите за промена на Уставот на Република Македонија, па што мислите за идејата во Уставот да биде запишано: „Храната е бесплатна“?

Одлично звучи, нели? Стануваш наутро, одиш во градската, општинската или селската државна кујна и откако ќе го докажеш државјанството со лична карта или пасош, добрите тетки и чичовци ти даваат бесплатна храна. Три пати на ден. Пијалоци самите ќе си носите бидејќи не се храна.

Нашето оправдување (поточно: изговор) за ние да јадеме без директно да платиме, но и за да си ја угаснеме љубомората кон богатите, ќе биде: Сиромашните да можат да јадат, а богаташите да не можат да се богатат поради потребата на сиромашните за јадење.

Но, тоа што им љубомориме на „богаташите“ и што сакаме да јадеме бесплатно има своја цена, неспоредливо повисока од тековната цена на храната која не сакаме да ја платиме.

Продажбата на храна ќе биде забранета

Нормално, бидејќи никој не треба да се богати врз гладта на сиромашните, така? Кога во Уставот би стоело: „Храната е бесплатна“, тоа по автоматизам ќе значи: „Продавањето храна е забрането“.

Проблемот настанува кога било кој ќе посака да продава храна, а не само богаташите. Полицијата и судовите ќе ги гонат и казнуваат сите кои ја продаваат. Тоа значи дека ќе бидат затворени сите приватни бурекџилници, сендвичари, ресторани, како и сите приватни производители на жито, градинарски производи и стока, како и пекарите и млиновите кои продаваат храна. Во продавниците ќе нема храна. Сите, не само оние на малкумината богаташи.

Доколку некој посее пченица, пченка, компир, патлиџани, пипер, нема да смее да ги продава бидејќи ќе биде казнет, но ќе може да ги употребува за јадење или да ги поклонува. Ќе почекаме Уставниот суд да одлучи дали и овошјето ќе го смета за храна.

Храната ќе ја организираат, произведуваат и дистрибуираат државните работници и политичарите

Во ова можно сценарио од иднината, сѐ што Уставот кажува дека е бесплатно ќе биде спроведувано од политичарите, државната администрација и државните работници. Тие ќе одредуваат каква и колку храна ќе јаде населението секој ден. Тие ќе се „грижат“ за организацијата, производството, неговото „унапредување“ и за дистрибуцијата.

Поголема невработеност, недостаток на храна и помала достапност, низок квалитет, засилување на партизацијата

Ќе мора да бидат затворени сите приватни бизниси со храна, што ќе предизвика десетици илјади нови невработени. Дел од нив ќе бидат вработени во новите државни фирми за храна, но централизацијата нема да има потреба од десетици за производство, дистрибуција и продажба на храна во секој град, туку само по неколку. Затоа ќе се намали бројот на вработени. Автоматски, ќе биде намалена достапноста на храната бидејќи ќе има помалку места на кои се продава.
Вработувањето во државна фирма значи политичка пасивизација на вработените. Затоа можеме да очекуваме засилување и „осоколување“ на моменталните политичари, т.е. сериозно засилување на нивната моќ да крадат, да се однесуваат арогантно и да ги повредуваат луѓето кои тие — поради било која нивна лична причина — мислат дека треба да бидат повредени.

Неизбежна последица на бирократското уредување на производството и дистрибуцијата на храната ќе бидат честите недостатоци на храна, таа ќе биде со лош квалитет, а со секој поминат ден ќе очекуваме уште полоша ситуација. На крајот од 1980-те години во Југославија со часови се чекаше ред за купување млеко (и никому не даваа повеќе од два литри). Леб се купуваше само до пладне, а доколку сте заборавиле ќе моравте да ги прошетате сите продавнички во градот за да најдете еден кој случајно останал некупен.

Храната ќе си ја платиме, само на друг начин

Храната ќе биде произведувана, дистрибуирана, продавана, а целиот процес ќе биде организиран од луѓе кои ќе мораат да бидат платени. Тие ќе бидат државни работници, наместо приватни. Парите ќе ни ги соберат преку зголемувања на давачките кон државата и воведување нови давачки.

На крајот, храната ќе си ја платиме. Ќе си го платиме и нејзиниот намален квалитет, тоа што ќе има недостатоци на храна, тоа што ќе биде подалеку од домот, тоа што ќе очекуваме со секој нов ден ситуацијата да се влоши, а ќе си ги платиме и зголемувањето на корупцијата, зајакнувањето на самоволието на политичарите и — општо земено — скапувањето на целата држава.

Пример: Приватните стоматолози и лекари

Пред 10-15 г. скоро и да немаше приватни стоматолози и лекарски ординации. Сите беа државни, во државните амбуланти и болници. Денеска ги има и тоа во некои градови како Гевгелија и битола, повеќе десетици. Тие ја зголемуваат вработеноста и достапноста на услугите до граѓаните. Поради зголемената конкуренција и лесното ширење на (лошите) гласини, приватните стоматолози и лекари се приморани да даваат сѐ поквалитетна услуга, но и за помала цена.

Ова се позитивните ефекти на приватниот бизнис. Кога беа забранети имавме поголема невработеност, поголема сиромаштија, помала достапност и послаб квалитет на стоматолошките и лекарските услуги. Е-сега, некои од стоматолозите и лекарите се богати, ама тоа ќе мораме да го прифатиме, за наше добро… доколку пакоста и љубомората кон другите не се посилни од нашето сопствено здравје, секако.

Треба да прифатиме и дека за најсиромашните веќе има државни програми и невладини организации кои им ја донираат потребната храна. Секако, сите треба уште повеќе да работиме повеќе на нашата лична помош за 5% најсиромашните и да престанеме да бараме од незаинтересираните државни бирократи да ја завршат таа работа наместо нас.

Доколку навистина сакаме сиромашните да бидат побогати, да имаат поевтина, полесно достапна и поквалитетна храна, треба да се залагаме за што поголема слобода на приватната сопственост заедно со добар, ефикасен правен систем пред кого сите ќе бидеме еднакви (големите фирми да немаат никакви привилегии повеќе од малите).

Позитивен пример од Балканот: Србија ќе приватизира 584 државни претпријатија до 2016 година.

Денеска нашиот Устав забранува приватни основни училишта

Нашиот Устав забранува приватни основни училишта со членовите 44 и 45:
Член 44
Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Член 45
Граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Да бараме бришење на забраната за приватни основни училишта!

Главно поради овие забрани немаме голем број приватни основни училишта. Во Скопје постојат неколку, но тие се обично концентрирани врз странци и задоволуваат некаква законска регулатива (експериментални паралелки) која на крајот на краиштата е неуставна:

Основното образование според Уставот е бесплатно, но врз основа на пилот-проекти може да има и приватни училишта во кои се плаќа за секоја учебна година. – Статија во весникот Нова Македонија.

За да можат да бидат отворени приватни основни училишта кои не се пилот-проекти, туку се дел од редовниот наставен план, потребно е отстранување на уставната забрана. Со тоа и неколкуте постоечки пилотни основни училишта ќе бидат уставни, а не како сега, да продолжат да шират енергија на дека живеењето од криминал (неуставност) е прифатливо.
Новите приватни основни училишта ќе вработат учители, ќе ја подобрат достапноста на училиштата до граѓаните, а ќе создадат притисок за поквалитетна настава и во државните. Ова ќе биде првиот чекор кон можната идна ваучеризација на образованието која уште повеќе ќе ги зголеми достапноста, квалитетот и економијата, за 50% помала цена отколку редовното државно образование, ја подобрува комуникацијата меѓу родителите и училиштето, но и ја зголемува веројатноста за запишување на факултет.

Редовните приватни основни училишта во Македонија нема да бидат прв случај во светот; во Америка има илјадници приватни основни училишта. Јасно е дека Америка е далеку, дури 7.500 km ама да се надеваме дека тоа нема да биде битен фактор за бришење на забраната за приватни основни училишта во Македонија.

Пишува: Горан Н. Арсов (ЗАЗУ)