Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Богати политичари ветуваат минимална плата. Граѓаните сметаат дека корупцијата е еден од од најзначајните проблеми во државата, пренесува Радио Слободна Европа.
На часови до завршувањето на изборната кампања, кандидатите на политичките партии на граѓаните агресивно им ветуваат решенија на нивните проблеми.
Тие го бараат нивниот глас со цел да ја освојат и задржат државната власт, а за тоа им нудат повисоки плати, вработувања, субвенции, инфраструктурни објекти, даночни ослободувања и низа други мерки за подобрување на благосостојбата.
Тие ветуваат и заштита на колективните права, претставувајќи се како вистински патриоти понесени од желбата за доброто на сопствениот народ и држава.
Подобрувањето на квалитетот на живот во една од најсиромашните земји во Европа е, како што велат, нивниот вистински мотив за вршењето на државната власт.
Македонија е земја со висока стапка на сиромаштија, а партиските претставници и државни службеници, оние кои на народот му нудат минимална плата од околу 200 евра, тежат стотици, некои од нив и милиони евра.
Само лидерите на најголемите партии: на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи заедно поседуваат имот вреден над еден и пол милиони евра, што е во просек по 500 илјади евра.
Толкава е нивната вкупна имотна состојба во банкарски депозити, куќи, станови, земјишта, коли, акции, кредити и останатото што го пријавиле во анкетните листови на Државната комисија за cпречување на корупцијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во моментов не врши државна функција и не се објавени податоци за неговата имотна состојба.
Поединечно, Заев пријавил вкупен капитал во вредност од околу 740 илјади евра, Тачи од околу 610 илјади евра, а Ахмети 142 илјади евра.
Вкупната имотна состојба на сите 26 актуелни министри на Владата на Република Македонија изнесува над 11 и пол милиони евра. Тие заедно со нивните семејства во просек имаат по околу 450 илјади евра имот.
Најимотен е министерот без ресор Горан Мицковски кој поседува вкупен имот во вредност од над три милиони евра. Потоа следуваат министерот за одбрана Зоран Јолевски, вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот без ресор Бил Павлески, коишто поединечно пријавиле по околу милион евра имот.
Mинистерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска пријавила скоро 750 илјади евра вкупен имот, а по околу половина милион евра во анкетните листови навеле министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за спроведување на Рамковниот договор Фестим Халили и министерот без ресор Џери Наумов.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски поседува околу 450 илјади евра, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска скоро 390 илјади евра, како и Министерот за финансии Кирил Миновски кој пријавил скоро 370 илјади евра вкупна имотна состојба.
Во просек, секој министер поседува по скоро една куќа и по еден стан, по една парцела земја и по еден ипол автомобил.
Според она што е наведено во анкетните листови на министрите, бројките се најниски кај министерката за локална самоуправа Шурете Елези со околу 10 илјади евра и кај министерот за здравство Никола Тодоров со над 16 илјади евра.
Премиерот Емил Димитриев пријавил 242 илјади евра имот.
Имотната состојба на државните службеници треба да ја следат институциите кои имаат обврска да се борат против сузбивањето на корупцијата.
Но, во однос на перцепцијата на граѓаните, една третина од нив сметаат дека во Македонија корупцијата е еден од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата.
Ова се резултати од најновото истражување на Глобалниот барометар за корупција на Транспаренси интернешнал, објавени неодамна.
Според нив, една третина од испитаните граѓани во Македонија се изјасниле дека Владата и кабинетот на Претседателот се вклучени во корупција, а оти меѓу најкорумпираните се пратениците.
Но, исто така еден од загрижувачките податоци на ова истражување во целина е дека бројот на граѓаните кои искажуваат подготвеност да пријават корупција е намален, истакна Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал.
За да се прекине врската меѓу парите, моќта и корупцијата, властите мораат да обезбедат поголема транспарентност, сметаат граѓаните.
Организацијата Глобал фајненшл интегрити неодамна објави извештај според кој, во периодот од 2004 до 2013 година од Македонија нелегално се одлеале над 5 милијарди долари.