Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Последниов период цела Србија, но и регионот пошироко, е опседнат со Марина Абрамовиќ, познатата уметница на перформанси која во Белград ја отвори големата изложба со наслов „Чистач“.
Абрамовиќ во Белград нема направено изложба цели 40 години, а сега нејзината изложба белграѓани ги чини 660.000 евра. Овој потег на владеачките структури наиде на критики кај дел од јавноста, особено поради фактот дека српската премиерка Ана Брнабиќ лично се заложила и потрудила Абрамовиќ да дојде во Белград.
Изложбата „Чистач“ содржи 120 дела од Марина, кои чинат меѓу 300.000 и 400.000 евра. Иако организаторите се надеваат на заработка од милион евра, критиките не стивнуваат бидејќи за организирање на изложбата се издвоени државни, народни пари.
Многумина уметноста од Марина Абрамовиќ ја нарекуваат измама, а најголемите критики се јавија кога Музејот на современа уметност ги откупи правата за прикажување на перформансот „Исповед“ од Абрамовиќ за 100.000 евра. Станува збор за видео во кое еден час се прикажува како Марина Абрамовиќ без престан зјапа во едно магаре.
Марина е позната по бизарните уметнички перформанси кои ги обожаваат стотици илјади луѓе ширум цел свет, но не крие дека успехот во кариерата го постигнала кога си заминала од Југославија. Во книгата „Минувам низ ѕидови“, таа растењето во Југославија го опишува како одвратно искуство.
Во книгата открива дека пораснала во пеколниот брак на нејзините родители Војо и Даница Абрамовиќ, кои се запознале за време на Втората светска војна и еден на друг си ги спасиле животите.
„Живеевме во самиот центар на Белград, во раскошен трособен стан и имавме слугинка. Отсекогаш сум знаела дека нашиот дом е најраскошен во градот, а дури подоцна сфатив дека живееме во еврејски стан кој го заплениле нацистите, па подоцна го приграбиле партизаните“, открива Абрамовиќ.
„Во Југославија владееше сивило и сиромаштија за сè и сешто. Тогаш започна таа југословенска естетика на грдото, но бев целосно свесна дека моето семејство е привилегирано и дека ние сме црвена буржоазија“, пишува уметницата.
Во Америка уметничката сцена ја обожава Абрамовиќ. Една од нејзините најголеми обожавателки е славната пејачка Лејди Гага.