Кој ќе „лета“ од ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски или Мијалков?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според ставовите и коментарите кои се сè поинтензивни на социјалните мрежи, а се пласирани од страна на поширокото членство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, засега постојат две сценарија кои можат да произлезат како епиолог од седница на партискиот Централен Комитет, која како што најавуваат, била закажана за вечерва во 19 часот, пренесува „Дојче Веле“.

Размената на ставови покажува дека постои огромна поделност меѓу членството и дека главната дебата е фокусирана на Сашо Мијалков, поранешниот долгогодишен директор на УБК и братучед на бившиот премиер Никола Груевски (двајцата на насловната фотографија).

Двете сценарија

Според едни, партијата размислувала да го исклучи од членство Сашо Мијалков, според други „крилото на Мијалков“ ќе барало оставка од партискиот претседател Христијан Мицкоски. Во реакциите кои ја бранат политиката на Мицкоски, Мијалков е идентификуван како главен виновник за исходот од гласањето за предлогот за пристапување кон уставни измени, односно „оркестратор на црниот петок“. Најчестите обвинувања се дека „тој директно влијаел на исходот кој се случил во Собранието и дека преку седумте пратеници се спасувал исклучиво себеси и своите бизниси, а на штета на Македонија“.

Притоа, партиски членови предупредуваат дека за да се сокрие „неговото шурување со СДСМ“, ќе се предизвикало сценарио за барање оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и за закажување вонреден конгрес за избор на нов партиски претседател“.

Други, пак, реплицираат дека „исходот во Собранието е резултат токму на фактот што Мицкоски не успеал да ги тргне настрана криминалните структури во партијата, и дека токму тој дозволил да биде раководен од Груевски, Мијалков и Мартин Протогер“.

Оние кои не се вклучени во оваа дебата на социјалните мрежи, а се упатени во состојбите во партијата, тврдат дека тоа што го читаат не се разни сценарија, туку „едно договорено сценарио“, за кое членството и не е свесно.

„Што и да се случи, се ќе биде резултат на договорено сценарио. Напорот сега е насочен само кон градење силна перцепција кај членството за некаква непопустливост на лидерот, за патриотизам до крај, за зајакнување на партијата, за наводни напори за чистење на партијата од компромитирани структури итн. Ова е епизода во која треба секој да го верификува како добиено тоа што го барал – кој позиција, кој спокојство“, велат нашите извори.