Кој им подметнува Тројански коњи на Грците?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Изговорот на грчките барања е нашиот божемен иредентизам поради користење на името Македонија. Поради тоа досега беа предлагани безброј имиња: хумористични и небулозни. Од петте предложени имиња за нашата земја што сега се вртат по медиумите три имиња звучат многу повеќе иредентистички од сегашното име на нашата држава…

Годинава, разговорите за името на нашата држава што му пречи на нашиот јужен сосед, после повеќегодишен застој се инензивираа, заради интересите на НАТО и спротивно на договореното во ООН, се претворија во преговори.
На сите им е јасна причината за негирањето на нашето име и идентитет од страна на нашиот јужен сосед кому всушност му пречи постоењето на македонскиот народ. Тоа најубаво се гледа од последните барања државното име да биде без превод и на македонски јазик, име кое освен словенските народи никој не ќе може да го изговори ниту да го разбере.

Изговорот за ваквите грчки барања е нашиот божемен иредентизам поради користење на името Македонија што потекнува од античко време. Поради тоа досега беа предлагани безброј имиња: хумористични и небулозни.
Од петте предложени имиња за нашата земја што сега се вртат по медиумите три имиња звучат многу повеќе иредентистички од сегашното име на нашата држава.

Од другите две, едното, Нова Македонија, е повеќе од небулозно, зошто е новинарско име од типот New York newspaper, New York Journal News итн). Имено, Нова Македонија е првиот и најстар македонски дневен весник (што на стандарден македонски јазик прв пат се испечати во 1944, во с. Горно Врановци.

Единственото логично име Македонија (Скопје), не е прифатливо за нашиот јужен сосед. Имено, главните градови каде се наоѓаат државните органи преку кои се води севкупната политика ги симболизираат државите и често се користат наместо имињата на државите: Лондон и Париз се договорија, но да се каже Атина и Скопје се договорија – тоа ќе биде виц на годината.

Од другите три имиња, едното, Горна Македонија, кое му е најприфатливо на нашиот премиер, е име што се користело за северниот, континентален дел на Македонија и тоа само во античко време. Прв пат го запишал Херодот (5 век пред н.е.) Тоа значи дека е поантичко од името Македнија и дека со такво име Грците не го решаваат проблемот со скопските иредентисти. Дотолку повеќе што југозападните делови од Горна Македонија каде македонското малцинство е најмалку асимилирано и е најбројно, денес се наоѓаат во државните рамки на нашиот јужен сосед !
Другото име, Северна Македонија, имплицира дека има Јужна Македонија, а такви имиња имаат државите што се поделени и тежнеат да се обединат. А ако се знае дека јужниот дел на Македонија денес е во државните рамки на нашиот јужен сосед, тогаш се поставува прашањето каде е решението на грчката фобија од постоењето на македонскиот народ и негово евентуално обединување?

Третото име, Вардарска Македонија, пак е најголемиот Тројански коњ што самите или пак некој (Нимиц, нивните американски, западноевропски пријатели или пак некој марсовец) им го подметнува на Грците. Имено реката Вардар што извира од Вруток кај Гостивар, се влива во Белото (Егејско) Море, кај Солунскиот залив (на грчки Термајски), а тоа би значело дека државата Вардарска Македонија се протега од Гостивар до Солун (Тесалоники).
И сега кој е иредентист, односно кому му е подметнат тројански коњ?

Пишува: проф. др. Наде Проева