Кој е типот што работи на технологија која преку фотографии ќе препознава дали сте геј?


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


Михал Косински е 36-годишен асистент на Универзитетот Стенфорд, чие име иако веројатно не ви значи апсолутно ништо, е поврзано со невообичаен проект на кој работи, а кој и тоа како го привлекува вниманието на „обичните“ луѓе.

Некои од неговите достигнувања се револуционерни истражувања на полето на технологијата, масовното уверување и вештачката интелигенција. А неговите труд и истражувачка работа делумно се заслужни и за создавање на контроверзната компанија Cambridge Abalytica, која беше замешана во мега-скандалот со злоупотреба на личните податоци на Фејсбук корисниците.

Пред пет години тој на многумина им даде до знаење дека и најбенигната активност на Фејсбук може да открие многу работи за личноста и особините на корисникот. Меѓутоа, она на кое тој моментално работи е далеку посериозно и вклучува вештачка интелигенција во цели за откривање на психолошките особини.

Напредокот предизвикува непријатност

Пример, Косински во Москва неодамна го претстави контроверзното истражување кое покажува како, со помош на алгоритми за анализа на лицето, можеме да ги откриеме разликите меѓу фотографија на геј и на хетеросексуалец. Но, тоа е само почеток, бидејќи истата технологија може да се користи и за детектирање на емоции, коефициент на интелигенција или склоности кај индивидуите да извршат одредени злосторства. Може дури да се одреди и личната политичка определба. Но, резултатите од тоа истражување не ги претстави официјално, иако експериментот беше успешен. Проблем претставува брадата која понекогаш го менува исходот од експериментот.

„Можам да бидам вознемирен поради губење на приватноста. Но, тоа нема да го промени фактот дека сета приватност веќе ја загубивме и дека нема враќање освен ако не ја уништиме цивилизацијата“, вели Косински кој во еден момент тврди дека сака да укаже на опасностите кои ги носи технологијата, а веќе во другиот возбудено расправа за камерите на иднината кои би ги откривале најличните поединости за еден човек.

„Напредокот отсекогаш е нешто кое кај луѓето предизвикува неудобност. Отсекогаш е така. Веројатно првите мајмуни кои се симнале од дрвата и почнале да чекорат, предизвикале шок кај оние кои уште останале на дрвата. Така е со секоја нова технологија“, објаснува тој за The Guardian.

Не создадов бомба

Иако во текот на истражувањето анализирал илјадници фотографии, својата фотографија никогаш не ја поминал низ револуционерниот систем. За себе вели дека е совесен, екстровертен и веројатно емоционален, со коефициент на интелигенција малку повисок од просечниот. Сепак, многу негови пријатели тврдат дека е брилијантен научник.

Овој 36-годишен Полјак пред десетина години го запознал Дејвид Стилвел, со кој работел на апликацијата myPersonality, која масовно се ширеше преку Фејсбук  и до 2012 година ја користеа над 6 милиони луѓе, од кои 40 насто се согласија да ги дадат своите податоци за истражување.

Иако проектот на крајот беше згаснат, студијата на која работеше со Стилвел и уште еден истражувач, покажа дека постојат корелации меѓу она на кое стегаме „лајк“ и тоа какви сме како личности. Пример, интровертните „лајкуваат“ страници како Video Games и Voltaire, оние поинтелигентните Thunderstorms и Morgan Freeman’s Voice, а оние кои стискале „лајк“ на iPod и Gorillaz многу веројатно не се задоволни од својот живот.

Меѓутоа, знаеја дека им требаат многу повеќе податоци за да создадат попрецизни анализи за корисниците.

Сето тоа ги доведе до нивниот нов проект преку кој сакаа да докажат дека податоците од Фејсбук можат да бидат искористени за поефикасен пристап при дигиталното масовно убедување. Токму тој проект го привлеже вниманието од SCL Group, која незаконски собираше податоци од повеќе од 87 милиони луѓе, што доведе до огромен скандал во кој посредно беше вовлечен и Фејсбук.

Косински не се смета себеси за виновен за овој скандал. „Не создадов бомба. Само покажав дека постои“.

Одлично за демократијата?

Тој смета дека приказната околу Cambridge Analytica е пренапомпана и дека постојат негативни аспекти во сето тоа, но дека на крајот станува збор за одлична технологија која може да е од огромен придонес за демократијата. „Ако можете насочено и целено да ги испраќате своите политички пораки со цел да бидат што повеќе во склад со интересите на луѓето, нивните соништа и карактерни црти, тие пораки ќе станат поважни и гласачите ќе бидат поангажирани. А ангажираните гласачи се добри за демократијата. Ако истите техники ги користите за да ги обесхрабрите неистомислениците да гласаат, тоа би можело да се покаже како нешто лошо за демократијата, а тоа го прават сите политичари. Секогаш кога целите на гласачите од својот опонент, тоа исто така е обид за обесхрабрување да гласаат“, вели Косински.

Она што нему му смета во целиот CA скандал е тоа дека е создадена илузија дека владите можат да ги заштитат податоците и да се грижат за приватноста на граѓаните. „Таа војна е загубена. Нашата енергија би требало да ја насочиме на организирање на општеството во насока да се погрижиме новата ера на постприватноста да биде што попријатно место за живеење“, објаснува Косински.

Што се однесува на најновото откритие, тој тврди дека никогаш немал намера да создаде систем кој ја открива сексуалната ориентација на поединците. Тоа било случајно откритие. „Забележав примероци на човечките лица и тогаш ми стана јасно дека интровертните и екстровертните имаат целосно различни лица. Помислив дека можеби сум на пат кон интересно откритие“, вели Михал.

Физиогномијата, или науката за одредување на карактерните црти врз основа на лицето, не е новитет и корените ги влечи од Стара Грција. Но, Косински тврди дека не станува збор за иста работа. Уште повеќе, тврди дека физиогномијата е „мешавина од празноверија и расизам маскирани во наука“. Меѓутоа, во исто време, создала табу тема од било каков обид отворено да се расправа за поврзаноста меѓу физиономијата и карактерот. Додава дека постојат нови истражувања кои покажуваат дека токму таа врска меѓу лицето и психологијата е реална, но дека нијансите не се видливи со голо око. Токму тука до израз доаѓа новата технологија.

„Не ми беше јасно како тоа е воопшто можно“

Во истражувањето објавено минатата година, Косински и неговиот колега Јилун Ванг, објаснуваат дека системот кој користи машинско учење успеал со голема прецизност да ги детектира разликите меѓу фотографиите од геј и хетеросексуалци. „Ме шокираше кога открив колку едноставно со алгоритми да се детектираат разликите меѓу хомосексуалците и хетеросексуалците. Не ми беше јасно како тоа е воопшто можно“.

Секако, истражувањето истиот миг наиде на удар од критики. LGBTQ организациите веднаш бараа од Стенфорд да се дистанцира од ова „опасно истражување“ и таквата технологија, која би можела да се користи за прогон на хомосексуалците од земји како Иран или Саудиска Арабија, каде хомосексуалноста е казнива со смрт.

Косински смета дека критичарите не сфатиле што сакал тој да постигне со оваа негова револуционерна иновација, бидејќи неговата идеја била да ги предупреди на опасноста од ваквата технологија.

Опасна алатка во погрешни раце

Александер Тодоров, професор на Принстон, кој и самиот се занимава со истражување на врските помеѓу ликот и психологијата, е еден од истакнатите критичари на истражувањето кое го прави Косински. Тој додава дека неговиот пристап е полн со мани. Косински, пак, признава дека неговиот софтвер има неколку недостатоци, но и дека резултатите се во склад со пренаталната хормонална теорија, а многумина би можеле да заклучат дека неговиот труд во овој момент на големо завлегува на теренот на биолошкиот детерминизам (теорија која човечкото однесување го објаснува исклучиво преку биолошки фактори).

Тодоров верува дека истражувањето кое го прави Косински од етички аспект е исклучително дискутабилно, како и дека би можеле да го присвојат влади кои технологијата не би ја користеле за позитивни цели. Се потсети на едно научно невтемелено кинеско истражување од пред две години кога кинеската влада врз основа на фотографии од криминалци создаде алгоритам кој со 90-настотна сигурност може да утврди дали некој е осудуван криминалец. А тоа, убеден е Тодоров, е одличен пат кон нова ера на научен расизам.

Косински не се согласува со него. „Фактот дека резултатите се научно неосновани не значи автоматски дека она што се обидува да го утврди не е точно. Не гледам причина зошто не би можеле да ја предвидуваме нечија склоност за злосторства врз основа на неговото лице. Пример, знаеме дека нивото на тестостерон е поврзано со склоноста кон криминал и дека во исто време се поврзани со одредени појавни карактерни црти на лицето. А тоа е само една поврзаност. Постојат илјадници и милиони други за кои не сме ни свесни, а кои компјутерите можат лесно да ги детектираат“.

Косински тврди дека би било разумно јасно да се дефинира истражувањето, бидејќи „злосторството“ е превоопштена етикета. „Треба да видиме дали можеме да детектираме особини или предиспозиции за потенцијални опасности како што е агресивното однесување. Некој мора да го направи тоа, бидејќи, ако е ова рискантна технологија, тогаш владите и корпорациите очигледно веќе ја користат“.

Потсетува на опскурниот израелски „старт-ап“ Faception, софтвер кој ги анализира пасошите, визите и профилите на социјалните мрежи и врз основа на резултатите од тие анализи ги дели луѓето во неколку групи (високоинтелигентни, педофили, терористи и слично). Инаку, израелската компанија има низа важни и сериозни клиенти, а во своето истражување го контактирале и Косински.

Иако тој ја негира неговата соработка во истражувањето, признава дека разговарал со нив, но само како советник.

Интересен за разузнавачите

Тоа фрла интересно светло и на неговото патување во Москва, каде разговарал со претставници од руската влада. „Не ми беше јасна целта на патувањето. Навистина не го разбирав контекстот. Седнав во хеликоптер и ме одведоа до тоа место каде излегов на бина. За време на летот ми објаснија кој ќе биде присутен на предавањето. Зборував за тоа како вештачката интелигенција го менува општеството, а после тоа вратија дома“, објаснува Косински.

Кога новинар од The Guardian го праша дали разговарале за технологија која би детектирала сексуална ориентација (со оглед на проблематичните руски закони кои ги загрозуваат правата на хомосексуалците), Косински одговори потврдно, но неколку дена подоцна, откако ги прегледа документите, изјави дека не зборувал за тоа.

Во просторијата, за време на предавањето, биле рускиот премиер Медведев и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, но не знаел кои се останатите. Можеби станувало збор за просторија полна со руски разузнавачи. Косински не знае, но знае дека технологијата на која работи и тоа како е интересна и привлечна, не само за Русите, туку и за Американците и Британците, кои исто така го контактирале во врска со истата.

Нема сомнеж дека за овој млад технолошки научник допрва уште многу ќе слушаме и читаме.