Кoј добива, а кој губи со договорот за името? (Втор дел)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Не е јасно како оваа одложена покана е поразлична од онаа од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

Во првиот дел се обидовме да дадеме објективен одговор на 17 најкруцијални прашања поврзани со договорот за името. Колумната имаше голем позитивен одглас кај читателите што навистина ме радува. Притоа, резимиравме дека останатите членови од договорот од делот 2 и делот 3 кои се однесуват на интензивирање на сите видови на соработка, дипломатските односи и разрешувањето на спорови се општи и козметички и во договорот се ставени единствено за уметнички впечаток. Меѓутоа од познавачите на правото ми беше предочено дека тие членови неслучајно се вметнати во договорот со намера тој полесно да се спроведе низ собраниските органи како договор за соработка по примерот на Договорот за добрососедство со Бугарија. Ова се покажа за точно и за ова укажување сум посебно благодарен.

Изминатиов период, а верувам и во периодот што следи сè до одржувањето на неизбежниот референдум за кои очигледно кај политичките кругови во државава постои консензус, сè почесто (ќе) се пласира тезата дека ова е добар договор затоа што двете страни се подеднакво (не)задоволни. Нашата намера е да одговориме дали тоа е навистина така и која страна вистински добива, а која вистински губи со договорот?

Дали Грција губи со договорот?   НЕ! Грција де факто не губи ништо!

Кратко, јасно и едноставно. Сите забелешки на грчката опозиција дека е признаен македонскиот јазик, народ, идентитет и име дури и доколку се основани (а не се), не претставуваат никаква загуба за Грција, како што нѐ претставуваа ниту изминативе 27 години од независноста на Република Македонија, ниту изминативе 74 години од прогласувањето на самостојноста на Македонија на Првото заседание на АСНОМ, ниту ако сакате изминативе 105 години од поделбата на Македонија. Како што веќе рековме во првиот дел, тие претставуваат индивидуални и колективни фундаментални слободи, самоопределување и самоидентификација пропишани со меѓународното право и не може да бидат предмет на никакво билатерално признавање. Понатаму, илузорно е да се тврди дека постоењето на македонска држава, народ и јазик со сегашната големина и капацитет претставуваат воена, национална, историска, економска или каква било друга закана за Грција. Но и во таква констелација, официјалните лица од Првата страна, на уште незасушеното мастило од потписот на договорот изјавуваат дека за нив „народот од РСМ е славомакедонски“, а јазикот е „официјален јазик на РСМ“ (изјава на Алексис Ципрас за Екатимерини, 18.6.2018 година) – нешто што никаде во договорот не е предвидено. Тоа само покажува дека дури и во ситуација на „никаква загуба“ (zero loss) за Првата страна, таа е подготвена веднаш да го прекрши договорот и тој за неа нема никакво значење.

Дали Грција добива со договорот?  ДА!

Да видиме кои се придобивките за Првата страна од овој договор?

Грција добива ексклузивитет на името „Македонија“!

За нашата земја секогаш и секаде ќе мора да се користи новото име „Северна Македонија“, додека името „Македонија“ ќе биде ексклузивитет само за Грција.

Грција добива ексклузивитет на придавката „македонски/а“ во надворешни рамки во сегашен и историски контекст!

За нашата земја во надворешни рамки во пракса најчесто ќе се користи  придавката „северномакедонски/а“, додека придавката „македонски/а“ во сегашен и историски контекст ќе биде резервирана исклучиво за Грција. На пример, терминот „македонска историја“ ќе се однесува на грчкото гледање на историјата на Македонија од антиката до денес и ќе биде единствено нејзин ексклузивитет. Таа ќе може да формира свои Македонска телевизија, Македонски театар, Македонски музеј, Македонска филхармонија, Македонска академија, Македонска банка, додека нашите институции ќе мораат да го користат описот „…на Северна Македонија“.

Грција ја добива позицијата ерга омнес

Практично Грција не отстапи од нејзината „црвена линија“ и од почетокот до крајот на преговорите ја задржа својата преговарачка позиција за промена на Уставот на Република Македонија и користење на новото име секаде, во секоја прилика и за сите намени, унилатерално, билатерално и мултилатерално (член 1, став 8).

Грција добива ништовност на пресудата од Меѓународниот суд на правдата!

Првата страна се ослободува од најтешката обврска – почитување на пресудата од Меѓународниот суд на правдата кој во 2011 година пресуди дека: Грција противејќи се на пристапувањето на Македонија во НАТО под привремената референца ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година; сите наводи на Грција дека Македонија ја прекршила Привремената спогодба се отфрлаат; се очекува Грција во иднина повторно да не го повреди меѓународното право и да делува во духот на „добрата волја“ и Македонија и натаму може да го користи своето уставно име во односите со Грција и другите билатерални и мултилатерални односи.

Грција добива легитимитет на иредентизмот кон Македонија!

Дали сте се запрашале зошто за Грција, покрај максималистичката позиција за целосна промена на името, отсекогаш во преговорите беше релативно прифатливо името „Северна Македонија“ (изјави на Никос Коѕијас, Алексис Ципрас, Јоргос Папандреу и Константинос Мицотакис за медиумите), а не и другите придавки и додавки кои циркулираа? Одговор на ова дава официјалната грчка историска доктрина за постоење на „Северна Македонија“ како интегрален дел на грчката мегали-идеја. Според оваа доктрина, Македонија „не е целосно ослободена“, односно нејзините јужни делови се ослободени во 1913 година со Балканските војни, додека „Северна Македонија“ која се протега до линијата Дебар (грч. Дивра) – Крушево (грч. Крусовос) – Прилеп (грч. Стиверра) – Неготино (грч. Антигонеа) – Струмица (грч. Астреон) – Гоце Делчев (грч. Неврокопи) сè уште не е ослободена. Иако договорот предвидува дека „страните ја потврдуваат нивната меѓусебна граница како трајна и неповредлива меѓународна граница и ниту една од страните нема да поддржуваат никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата страна“ (член 3, став 1) сепак со евентуалниот прием на „Северна Македонија“ во НАТО, Грција ќе биде таа што ќе го „чува“ нашиот воздушен простор како што од неодамна тоа го прави во Албанија и Црна Гора, а не обратно. Впрочем, вакви договори за неповредливост на границите имаше и Германија со повеќето европски држави во мугрите на Втората светска војна.

Дали Македонија губи со договорот? ДА!

Практично сето она што го добива Грција претставува загуба за Македонија, но и многу повеќе од тоа: Македонија неповратно го губи своето вековно, национално, историско и уставно име!

Името „Република Македонија“ и „Македонија“ преведено и непреведено не смее да се користи  никаде во официјалната комуникација во земјата и надвор од неа (член 1, став 7). Сосема јасно и недвосмислено името „Македонија“ ќе престане да постои во контекст на нашата држава.

Македонија неповратно ја губи својата „црвената линија – Уставот не смее да се менува“!

Единствената силна преговарачка позиција  која впрочем произлегува од меѓународното право како единствен codex principalis на малите наспроти големите земји се напушта и неповратно се губи. Македонија еднаш засекогаш се поместува од својата „црвена линија“, додека Грција не.

Македонија неповратно го губи мнозинството земји во светот кои ја поддржуваат и признаваат под нејзиното вистинско име!

Имено, 138 од 195 земји во светот (71%), понатаму 16 од 29 земји-членки на НАТО (55%) и 14 од 28 земји-членки на ЕУ (50%) кои согласно меѓународното право ја признаваат Македонија под уставно име или го користат уставното име во билатералната комуникација ќе мора да престанат да го прават тоа и во иднина да го користат новото име.

Дали Македонија добива со договорот?  НЕ!

Приврзаниците на договорот кај нас се обидуваат да докажат дека Македонија добива со договорот за името аргументирајќи дека со него Грција ни го признава јазикот, националноста и идентитетот и дека имплементирајќи го истиот по брза постапка ќе ни биде овозможен прием во НАТО и ЕУ. Ние не би можеле да се сложиме со овие аргументи затоа што сметаме дека:

Македонија НЕ добива признавање на јазикот и националноста од страна на Грција!

Како што веќе видовме погоре, јазикот, националноста, државјанството и идентитетот се стекнати права и чувства и НЕ СЕ и никогаш НЕ МОЖАТ да бидат предмет на уредување со билатерален договор или билатерално признавање. На светот не постои правен и политички акт што може да поништи или создаде народ, јазик, националност или идентитет туку тоа е резултат единствено на историски процес. Официјалната грчка позиција сега е и во иднина ќе биде дека тие признаваат посебен идентитет и јазик на народот на нејзината северна граница сè додека тој не е и не се нарекува македонски, што пак ќе кажеме, во меѓународното право нема никаво значење.

Македонија НЕ добива брз прием во НАТО и ЕУ!

Како што претходно беше објаснето, приемот во меѓународните мултилатерални и регионални организации за кој Првата страна се обврзува да не го попречува (член 2, став 1), не зависи само од Грција. Приемот на Македонија во НАТО и ЕУ може во секој момент да биде попречен од која било земја-членка. Класичен пример е случајот со Турција која преговара за членство во ЕУ веќе неколку децении без изгледи за прием во скоро време. Интересно е тоа што во последниов период, апологетите на ставот за брз прием во НАТО и ЕУ по промената на името ретерираат и сега се говори за „долг и мачен процес, полн со неизвесности“ , „отворање на вратите на Унијата не порано од 2025 година“, „да не се фокусираме на датуми“ итн. Сведоци сме дека на годинешниов Самит на НАТО оддржан во Брисел, Македонија повторно доби одложена покана (со можност за членство не порано од 2020 година), под услов целосно да го имплементира договорот за името. Како што гласи заклучокот од Самитот: „Целосно спроведување на сите интерни процедури пропишани со почитување на договорот за решавање на спорот со името е предуслов за успешно завршување на пристапниот процес.“ Нам не ни е познато како оваа одложена покана е поразлична од онаа од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година кога заклучокот беше дека: „НАТО се согласи дека Македонија иако ги исполни сите критериуми за членство ќе добие покана да се приклучи кон Алијансата откако ќе биде постигнато прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН.“

Македонија НЕ добива гаранција за почитување на договорот од страна на Грција!

Со договорот, Првата страна се обврзува дека нема да приговара на апликациите за членство на Втората страна под името „Северна Македонија“ во мултилатерални и регионални организации и институции во кои таа е член (член 2, став 1). Ова de facto не претставува никаква отстапка од страна на Грција и не претставува никаква придобивка за Македонија од причина што овој член е скоро идентичен со членот 11 од Привремената спогодба со кој Првата страна се обврза да не приговара на апликациите за членство на Втората страна под референцата „бивша југословенска република Македонија“. Привремената спогодба беше прекршена од страна на Грција токму во членот 11 за што беше добиена пресуда од Меѓународниот суд на правдата која Грција de jure мораше да ја спроведе. Дали и колку таа беше спроведена знаеме сите. Според тоа, не постојат никакви гаранции дека откако ќе се извршат уставните измени кај Втората страна, односно Македонија неповратно ќе го смени името, Првата страна ќе го ратификува Договорот (член 1, став 4, алинеи е и ф). Уште сега постојат најави дека мнозинството во грчкиот парламент ќе гласа против ратификација (изјава на Кирјакос Мицотакис за медиумите).

Името „Република Северна Македонија“ НЕ претставува замена за референцата од Привремената спогодба од 1995 година!

Погрешно е толкувањето дека овој акт претставува само проста промена на референцата. Ако е тоа така тогаш бранителите на овој став треба да одговорат на прашањето: Зошто тогаш е потребна промена на Уставот и зошто едноставно не се направи анекс на Привремената спогодба со кој референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ ќе се замени со нова референца „Република Северна Македонија“?

Во економската наука постои една многу едноставна стратегиска техника за планирање и  утврдување на тоа дали една одлука е добра или не и дали таа треба воопшто да се реализира. Таа техника се вика SWOT анализа и економистите добро ја познаваат. Нејзиниот назив доаѓа од англискиот јазик и претставува акроним од зборовите Strengths (силни страни), Weaknesses (слаби страни), Opportunities (можности) и Threats (закани). Методолошкиот пристап на оваа анализа пропишува изработка на табела во која прегледно се вметнуваат секој од  соодветните параметри. За потребите на оваа колумна изработивме SWOT анализа на договорот за името и ги добивме следните резултати:

Силни страни (2)

Не се менува името на македонскиот јазик

Не се менува кодот МК и МКД во сите случаи, освен кај сообраќајот

Можности (2)

Потенцијално членство во НАТО

Потенцијално членство во ЕУ

Слаби страни (8)

Асиметричност на договорот

Промена на уставното име и користење на новото “erga omnes”

Промена на националноста и идентитетот

Промена на кодот МК во сообраќајот

Промена на називите на институциите

Користење на новото име во комерцијална употреба (губење на економската препознатливост)

Откажување од грижата за македонското национално малцинство

Откажување од симболиката и топонимијата поврзана со егејскиот дел на Македонија

Закани (9)

Исчезнување на македонскиот национален идентитет

Губење на ексклузивноста на името

Буџетски импликации кај институциите заради промената на името

Финансиски импликации кај граѓаните заради промената на личните документи

Промена на историската доктрина за македонската држава, народ и нација

Ништовност на пресудата на Меѓународниот суд на правдата

Легитимитет на иредентизмот на Грција кон Македонија

Губење на поддршката од мнозинството земји кои не признаваат под уставно име

Нема гаранција за почитување на договорот од страна на Грција

Резултатите од изработката на SWOT анализата се толкуваат на следниов начин: Доколку збирот на првиот и вториот ред е поголем од збирот на третиот и четвртиот ред се носи позитивна одлука. Доколку збирот е еднаков или приближно еднаков се препорачува изработка на дополнителни истражувања и анализи за донесување на конечна одлука. Доколку збирот на првиот и вториот ред е драстично помал од збирот на третиот и четвртиот ред одлуката би требало да биде категорично негативна.

Сега ве молам да одвоите време за малку математика која ќе ви помогне да донесете ваш суд во однос на овој договор.

д-р Горан Ковачев

17 прашања и одговори во врска со Договорот за името (1)