Home Мода и убавина Кои активни состојки да ги барате во козметиката за пролетна нега на кожата

Кои активни состојки да ги барате во козметиката за пролетна нега на кожата

Обнова на кожата по зимата!

Дури и квалитетната нега во зимскиот период не гарантира совршена состојба на кожата до пролетта. Зимските месеци ја изложуваат кожата на многу агресивни надворешни фактори, како што се наглите промени на температурата, недостатокот на витамини, сувиот воздух, студот, греењето и недостатокот на сончева светлина. Сето ова остава траги на тонусот на кожата, предизвикувајќи губење на еластичноста и појава на заморен изглед, а во некои случаи и несакани последици како иритации и акни.

Во есенско-зимскиот период страдаат и регенеративните процеси, како и заштитните функции на кожата – се намалува активноста на клетките што се одговорни за обновата на епидермисот, се забавува продукцијата на колаген и горниот слој на кожата се истенчува. Затоа, со доаѓањето на пролетта, се препорачува да се стави фокус на обновувањето на заштитниот слој на кожата. Вашата пролетна нега треба да се базира на козметика со зацврстувачки и хидратантни состојки – кои, ќе ви ги откриеме во продолжение.

ХИЈАЛУРОНСКА КИСЕЛИНА

При изборот на производи за пролетна нега на кожата, важно е да се фокусирате на ефикасни хидратантни состојки што имаат способност да ја задржуваат влагата. Меѓу нив, хијалуронската киселина се смета за една од најдобрите компоненти во кремите, серумите и лосионите. Овој активен состав обезбедува длабинска хидратација без да ја оптоварува кожата со тешки липиди.

ОВОШНИ КИСЕЛИНИ

Обновата на клетките на кожата и длабинската хидратација се клучни задачи на пролетната нега, а AHA киселините се идеални за ова. Производите за овој период треба да содржат млечна, гликолна, јаболкова, винска и лимонска киселина. Козметиката со алфа хидрокси киселини го изедначува тенот и му дава здрав сјај. Овошните киселини продираат во епидермисот, иницираат регенерација на клетките и ја стимулираат природната продукција на хијалуронска киселина и колаген. Не заборавајте дека во пролетниот период е неопходно да се користи SPF заштита, особено ако употребувате препарати со киселини.

Кожа

ЛИНОЛНА КИСЕЛИНА

Линолната киселина е есенцијална масна киселина од групата на омега-6 киселини. Во човечкото тело, таа служи како липид на клеточните мембрани, односно извршува заштитна функција и им помага на клетките да се адаптираат на неповолните услови. Покрај тоа, учествува во метаболизмот на мастите и липидите, создавајќи хидролипиден заштитен слој на кожата и косата, заштитувајќи ги од сушење и оштетување. Ако има недостаток од оваа киселина, кожата губи влага, што може да доведе до лупење, брчки, нарушено обновување на кожата, затнати пори и појава на акни.

Во козметиката, линолната киселина најчесто се наоѓа во природна биорасположлива форма – како растителни масла. Козметиката базирана на омега-6 киселини решава три клучни проблеми на кожата: сувост, воспаленија и знаци на стареење. Линолната киселина може да се најде и во благи хидратантни креми и лосиони, како и во поинтензивни серуми и тоници.

ВИТАМИНИ A, B, E, C

Во пролетниот период на кожата и е потребна засилена нега и надополнување на нивото на витамини, чиј недостаток ја прави уморна и поранлива. Дерматолозите особено препорачуваат вниманието да се насочи кон козметика што содржи витамини A, B, E и C.

Овие витамини имаат бројни функции – го забрзуваат процесот на обновување на епидермисот, го стимулираат создавањето на природен колаген и еластин, ја регулираат продукцијата на себум и подобруваат хидратацијата. Покрај тоа, станува збор за моќни антиоксиданси кои штитат од слободните радикали и го спречуваат предвременото стареење. Овие корисни витамини ги има во креми, серуми, маски и тоници. Имајте на ум дека во пролетниот период е подобро да се избираат производи со полесни текстури.

НИАЦИНАМИД

Ниацинамидот е активната форма на витамин B3. Неговите придобивки вклучуваат намалување на зголемените пори, регулирање на себумот, подобрување на тенот и спречување на сувоста на кожната бариера, а воедно тој придонесува и за измазнување на ситните брчки.

Покрај тоа, оваа моќна состојка има антиоксидативно дејство, го спречува влијанието на слободните радикали и активно придонесува за стимулирање на синтезата на колаген. Ако вашата цел е интензивна хидратација, зајакнување на кожната бариера и спречување на сувоста, тогаш ниацинамидот треба да биде дел од вашата козметичка рутина.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Време на цветови: Swatch го дочекува пролет со четири часовници инспирирани од свежо цвеќе

Swatch го поздравува пролетта со лансирањето на колекцијата Blossom Time, која се состои о…