Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Се обидовме, колку што е тоа можно, да направиме споредба меѓу 1980 и 2018 година базирана на бројки кои се достапни. Времето пред точно 30 години го одбравме затоа што тоа беше година на смртта на Јосип Броз, година кога кризата веќе ја нагризуваше Југославија, но таа се уште се држеше благодарение на странските кредити (кои полека секнуваа) и на позицијата на земја отпишана од исток, а незапишана на запад, која се обидуваше продолжено да цица од двете страни.
Пишува: Дарко Јаневски за Денешен.мк
Од време на време, дел од постарата генерација жители на РМ, педантно не потсетуваат дека во времето на СФРЈ и Јосип Броз Тито се живеело поубаво и побогато од денес, а обично како клучен аргумент за тоа се посочува дека секое лето сме оделе на одмор во братската ни Грција. Да, тука е и неизбежниот наводен факт дека во тоа време за сите имало работа и дека немало сиромаштија како сега. Колку е тоа вистина и дали таквиот впечаток за златното време на Македонија во СФРЈ (што не мора, но може да има и свое политичко влијание во денешницата) е реалност базирана на податоци или обичен мит? Пред неколку месеци, еден веќе остарен бегалец од Егејска Македонија, раскажуваше како своевремено сонувал за да избега од својата куќа во која се спиело на рогозина распослана врз земјениот под, а сега, како старец, би сакал да се врати назад, макар тоа било во истата куќа која одамна не постои. Дали во случајот со носталгијата кон СФРЈ се работи за сличен феномен базиран на човековата потреба од своето минато повеќе да ги зачувува и глорифицира само убавите нешта, а да ги поттиснува лошите, иако можеби тие се побројни?
Се обидовме, колку што е тоа можно, да направиме споредба меѓу 1980 и 2018 година базирана на бројки кои се достапни. Времето пред точно 30 години го одбравме затоа што тоа беше година на смртта на Јосип Броз, година кога кризата веќе ја нагризуваше Југославија, но таа се уште се држеше благодарение на странските кредити (кои полека секнуваа) и на позицијата на земја отпишана од исток, а незапишана на запад, обидувајќи се продолжено да цица од двете страни. Значи 1980-та е година кога привршуваат последните сили на растежот на Југославија, а се посилно започнува кризата, па може да се смета како година која дава реална слика за стандардот на граѓаните во бившата ни држава.
ЈУГО УШТЕ НЕ ПОСТОИ
Просечната плата во СФРЈ во 1980 година изнесувала 6109 динари, што при официјална вредност на германската марка од 15,12 динари дава плата од околу 400 тогашни германски марки. Просечните расходи на четиричлено семејство изнесувале 8284 динари. Би било неразумно тие 400 германски марки едноставно да ги трансформираме во денешните 200 евра, па ќе се обидеме да видиме што можело да се купи со тие пари, во споредба со денешната просечна плата во Македонија од околу 340 евра. Кога сме кај примањата, минималната пензија во тоа време изнесувала 1700 динари, на која следувале разни додатоци, за да достигне 3300 динари или околу 220 тогашни германски марки. Под просечната плата примале дури 80 отсто од вработените, а најниско биле платени текстилците со просек од околу 4000 динари.
Најпродаван автомобил во таа година бил ‘застава 101’, а цената на моделот ‘комфорт’ во ноември 1980-та изнесувала 155.735 динари. Поинаку кажано, биле доволни околу 26 просечни плати за да се купи еден таков автомобил. Денес, со 26 просечни македонски плати може да се купи автомобил во вредност од околу 8800 евра што би одговарало на ново ‘пунто’ или ‘тојота ајго’. ‘Лада 160’ чинела 189.215 динари или за неа биле потребни 31,5 просечни плати, односно околу 12.000 тогашни германски марки, додека денеска за 31 просечна плата може да се купи автомобил од околу 10.500 евра (на пример, ‘рено клио сторија’). Ако инсистирате на ‘лада’, тогаш добро би ви дошла ‘лада седан’ при што би ви останале меѓу 2.800 и 2000 евра во зависност од моделот што сте го одбрале. Патем, за тие на кои им недостига популарното југо, во 1980 година постои само најава за негово производство како прв самостоен југословенски автомобил кој требало да започне да се произведува во декември 1980 година.
Меѓутоа, автомобилите не се единствена вредност која може да се споредува. Многу побитно е што, на пример, во таа година, според Заводот за статистика работа барале 117.000 лица од 1,9 милиони жители на СРМ. Но, стапката на невработеност и тогаш била прилично висока, некаде околу 23 отсто, што покажува дека и во ‘златното време’ кога дури и СКМ носеше одлуки дека секое претпријатие (односно ООЗТ) мора да покаже солидарност и да вработи луѓе од кои инаку нема преголема потреба (на пример, жени задолжени за варање кафе и сл.), Македонија имала проблеми од овој вид. При тоа, како што рековме, во 1980 година Југославија само се загреваше за кризата која допрва се засилуваше, за 12 години подоцна, 1992 година, во тогаш веќе самостојната Република Македонија да бидат евидентирани 190.000 невработени.
Разликата од 73.000 нови невработени главно беше создадена во претпоследната деценија од минатиот век, но не толку со отпуштања, колку со неспособност на веќе атрофираниот систем да ги апсорбира младите кои стасуваа во Заводот за вработување. Денеска РМ има околу 200.000 невработени со стапка од 22 отсто, со тоа што не треба да се заборави дека во 2004/5 стапката достигна фантастично 38 отсто, по што беа потребни десет години за да ја стигнеме невработеноста од 1980 година.
Интересно е што во 1980-та работеле 419.621 лице, наспроти денешните над 700.000 вработени.
ЕВТИНО, АМА НЕМА ДА СЕ КУПИ!
Цената на месото во 1980 година изнесувала 138 динари за кг јунешко без коска или околу 9 германски марки, а 126 динари за кг свинско. Поради реакциите од населението за скапотијата, СИС на Југославија, односно тогашната федерална влада, кон крајот на годината донела одлука за намалување на цените па, на пример, јунешкото е спуштено на 120 динари за кг., а пилешкото на 56 динари. Меѓутоа, по само неколку дена месарниците останеле без месо, бидејЌи кланиците едноставно не сакале да доставуваат по намалени цени. Така што, граѓаните можеле да уживаат во поефтиното месо, се разбира доколку најдат да го купат, појава која често беше присутна во СФРЈ. Поради ова, македонската влада, односно Извршниот Совет на Собранието на СРМ, донел одлука со која определил компензација за свинското месо од 10 динари и 5 динари за пилешкото, но тоа одвај ја поправило работата. Месото едноставно исчезнало. Инаку, денешната цена на овие меса е околу 300 денари за кг, па наспроти 50-те кг месечно кои пред 30 години можеле да се купат за просечна плата (поточно кажано не можеле да се купат бидејЌи месо снемало), денес би добиле некаде околу 70 кг.
За разлика од останатите делови на Југославија, Македонија во тоа време имала проблем и со празните рафтови за млеко, па пред Новата 1981 е најавена ‘стабилизација во снабдувањето’ со овој производ. Инаку, тогаш млекото се разнесуваше околу 4-5 часот наутро, а пензионерите веЌе околу 6 часот создаваа ред пред продавниците. Постоеше период во кој можеа да се купат најмногу два литра млеко, а подобро поминуваа тие кои имаа познати меѓу продавачите кои пред отворање на продавницата им ставаа на страна уште по некој литар.
Дека кризата веќе ја нагризуваше СФРЈ, сведочи и одлуката за воведување пар-непар во возењето автомобили. Тоа значеше дека заради потребата од штедење девизи, секој вторник во неделата не можеа да се возат автомобилите чија регистерска табличка завршува со парен број, а секој четврток забраната важеше за непарните броеви. При носењето на одлуката, тогашната влада, односно СИС не направил исклучок, па по реакција на автошколите во ноември 1980 година донесена е одлука според која пар-непар забраната не важи за нив, бидејЌи автомобилите им биле ‘основно средство за работа’, нешто како машините за фабриките.
ДРВА ЗА ГРЕЕЊЕ – ДРУГАТА ГОДИНА
На почетокот на декември 1980 година, во Македонија завладува студ, па во Скопје
се измерени минус 11 степени целзиусови, а дури тогаш било констатирано дека ‘јаглен и дрва за греење нема ни за лек’. Макпетрол најавил нормализација за јануари 1981 година, но само во снабдувањето со јаглен. Дека ништо подобро не било ни во останатите републики, покажува 8 декември 1980 година кога поради преоптовареност колабира системот за електрично снабдување на целата земја, освен во Црна Гора и БиХ. Тоа подразбира дека околу 17 милиони луѓе останале цел ден без струја.
Истата зима, ‘Планика’ во Скопје почнува да ги рекламира своите детски, женски и машки чизми обложени одвнатре со нешто што наликува на волна, а чија цена изнесувала меѓу 699 и 950 динари, односно меѓу 46 и 60 германски марки. Колку чинеа навистина квалитетните зимски планински чизми кои се продаваа во Словенија спорт, за жал, не успеавме да пронајдеме.
Тие денови, за приклучок за телефон се плаќаше по 1000 марки, а значајна вест во весниците е дека за една недела во Скопје биле поставени дури 10 телефонски говорници!
Инаку, таа година, платата на Јосип Броз пред неговата смрт изнесувала преку милиони динари или како што неодамна пресметаа некои српски медиуми, точно 297.619 германски марки. Платата била одредена од страна на Кадровската комисија на Претседателството на СФРЈ. Иако вредноста на динарот беше преценета и на црниот пазар беа потребни многу повеќе од 1512 динари за 100 германски марки (речиси е невозможно да се пронајде податок за реалниот курс во тоа време), сепак, платата на саканиот маршал била неверојатно висока.
Ова би биле некои рамки до кои дојдовме и врз основа на кои може да се добие каква-таква слика за времето пред 30 години. Податоците не се сеопфатни (на пример, недостигаат тие за медицинската опрема и техниките за лекување на лекарите, но тука му дадовме попуст на старото време бидејќи таа споредба би била поразителна за СФРЈ), но и тие што ги имаме, сепак, даваат можност за да се процени како се живеело тогаш, а како денес.
ПО ЕДНА ГОДИНА ЖИВОТ ПЛУС ВО СЕКОЈА ДЕЦЕНИЈА
По смртта на Тито, со Претседателството на СФРЈ неколку недели претседава Лазар Колишевски, а потоа едногодишниот ротирачки мандат го презема Цвијетин Мијатовиќ. Претседател на СИС е Црногорецот Веселин Ѓурановиќ, кој се обидувал што помирно да го истурка мандатот, оставајќи неопходните мерки за справување со кризата да ги донесе следната влада. Него во 1982 година го наследува Милка Планинц, во чие време, на рестрикциите за бензин се надоврзваа и рестрикциите за струја, кога во период од по неколку часа дневно беше исклучувано напојувањето. Од тоа време датира и кризата во снабдувањето со масло за јадење, како и недостатокот на традиционалното кафе, по што профитираа шверцерите на напитокот и производителите на рачни мелници за кафе, бидејќи шверцуваното од Грција или Италија не беше мелено, туку се продаваше во зрна.
Претседател на Претседателтвото на СРМ во 1980 година е Љупчо Арсов кој за 29 ноември порачува дека сме горди што живееме во Титова Југославија. Претседател на ЦК на СКМ е Ангел Чемерски. Лазар Мојсов ја има централната положба во ЦК на СКЈ.
Буџетот на Федерацијата за 1981 година во првичното гласање е одбиен поради противењето на Словенија, а Македонија немала став за тоа прашање во тој момент. При повтореното гласање, предлог буџетот е изгласан во висина од 169 милијарди динари или 11 милијарди германски марки.
Животниот век во Македонија во таа 1980 година изнесувал просечни 70 години, додека денеска е нешто над 73 години, што отприлка значи дека секоја деценија животниот век ни се продолжувал за по една година. Според овој параметар, денес ужасно лошо стоиме во однос на сите западноевропски држави, но сме подобри од речиси сите источно европски земји, па дури и од земји како Унгарија, Полска и Словачка.
ПРЕСРЕЌНИ ЗАРАДИ КАРАМАНЛИС
Во 1980 година, во Драмскиот театар во Скопје една од најпопуларните претстави е легендарната Солунски патрдии, во кино Вардар 2 се прикажува и Царство на страстите. Фудбалерите на скопски Вардар се борат за опстанок во Првата југословенска лига со само три бода повеќе од последниот на табелата, а Тетекс го освојува првото место во есенскиот дел од Втората источна сојузна лига. МТВ емитува програма на само два канали и тоа до 22:45 часот, а при секое коло од Лигата на шампионите има пренос на еден натпревар со термин во среда од 20:15 часот.
Светот се занимава со победата на Роналд Реган во САД, по заложничката драма во американската амбасада во Техеран за времето на Џими Картер и со војната меѓу Иран и Ирак при што во преден план е непоколебливиот Садам Хусеин, тогаш верен сојузник на Америкацните, кој жртвуваше илјадници Ирачани во борба против омразениот од Вашингтон ајатолах Хомеини.
На петти ноември 1980 година во посета на Југославија доаѓа грчкиот претседател Константин Карамнлис, а неговото доаѓање во Белград, во Скопје е проследено со радосен восклик:
‘Денес меѓу Југославија и Грција постои соработка од чии резултати можеме да бидеме задоволни. Во соработката свој важен придонес дава СРМ, како најблиска република до нашиот јужен сосед. Во вкупниот туристички промет што го прават Југословените во Грција, уделот на македонските туристи е најголем’, се вели во еден коментар по повод посетата на Караманлис.
Извор: Денешен.мк