Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
За време на археолошките ископувања на населба во Вигбинхолм во Шведска, шведските археолози пронашле остатоци од 20 куќи и градби кои потекнуваат од 400-тите години, како и наоди кои сугерираат дека тие повторно биле користени во текот викиншкото доба од 800-та до 1050-та година.
До овој заклучок научниците дошле кога го ископале подот во една зграда, каде бил пронајден керамички лонец со торбичка преполна со богатство. Но и наодите како стрели, накит и амајлии во други делови од населбата.
Еден од истражувачите, Марија Лингстрем, вели дека се пронајдени осум сребрени висококвалитетни околувратници, прстени, два бисери и модифицирани монети, и додала дека наодите се извонредно сочувани со оглед на тоа дека биле закопани пред речиси 1.000 години. Зошто жителите одлучиле да ги скријат овие вредни предмети под дрвениот под, сè уште не е јасно. Меѓутоа, доказите сугерираат дека оваа остава е закопана во брзање кога селото веројатно било загрозено и дека сопствениците никогаш не се вратиле назад по своето богатство, пренесува Точка.
Археолозите велат дека слични викиншки предмети и порано биле откриени во оваа област, меѓутоа некои од монетите сугерираат дека ковани во кованици во Бохемија, Баварија, Англија и Франција, а посебно е интересна една од 10-тиот век која потекнува од Руан во Нормандија. Професорот Јенс Кристијан Моесгард од Универзитетот во Стокхолм тврди дека станува збор за многу редок наод, кој претходно бил виден само на основа на цртежи од книги.
Пронајдени биле и пет арапски сребрени дирхеми, кои во текот на викиншкото доба биле ковани во муслимански провинции во централна Азија. А денес е познато дека ги ковале и масовно користеле муслимански трговци по теченијата на реките Волга и Дон, кои во Скандинавија пристигнале од просторите на денешните руски територии. Истражувачите тврдат дека овие монети претставуваат совршен доказ за подемот на трговијата во Скандинавија во текот на викиншкото доба, кога Викинзите воспоставиле широка трговска мрежа по Европа, на исток до Централна Азија и Северна Америка.