Актуелно

Книгата која ги разбранува духовите: Финалистот за „Роман на годината“ карактеризиран како диктаторски

Откако беа објавени финалистите за наградата „Роман на годината“, писателите Лидија Димковска и Сашо Коколанов се огласија со критички коментари за романот „Диссомнии“ од Игор Станојоски сметајќи ја неговата содржина скандалозна, која, како што велат, го слави диктаторскиот и недемократски дух, пренесува Макфакс.

„Диссомнии“ од Игор Станојоски во финале? Идеолошки, популистички роман, во македонски рамки: прогруевистички, во украински: про-Јанукович. Извртување на фактите за „Мајдан“ и за сè што се случуваше во Украина. Апологија на конзерватизмот, на диктаторскиот дух, на недемократијата. Роман каков што се надевам дека нема да има повторно во македонската книжевност. Игор Станојоски со ‘Диссомнии’- Радован Караџиќ на македонската книжевност“, со ваков фејсбук-статус писателката Лидија Димковска коментира по објавување на одлуката на жирито за наградата „Роман на годината“, во која романот „Диссомнии“ на Игор Станојоски е еден од трите главни фаворити за престижна награда што од годинава ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

Кон нејзиното размислување се надовраза и писателот и публицист Сашо Коколанов, кој коментира дека иронијата е уште поголема роман со ваква содржина да го награди фондација што го носи името на лустрираниот Славко Јаневски.

„Ако некој напише прекрасен роман во кој ќе ни порача, на пример, дека холокаустот не бил толку лош колку што луѓето го опишуваат, дали треба да му се восхитуваме? Како се дели естетика од етика, јас сум книжевно неук, па еве се прашувам. Разните политички мислења се супер, тоа е смислата на различноста и на плурализмот, ама тука станува збор за цел еден вредносен систем што е нападнат со романот, а за кој треба да се бори секој нормален човек, со некакви морални вертикали во животот“, напиша во својот коментар Коколанов на статусот на Димковска.

Нивните размилувања се поистоветуваат и се реакција на содржината на романот, но не се однесуваат на неговата литературна вредност.

Од издавачката куќа „Антолог“ ни рекоа дека не сакаат да ги коментираат овие изјави и дека компетентното жири ќе реши за наградата и дека никој не треба да се меша во творечката слобода на авторите.

Во литературните кругови писателот Станојоски е карактеризиран како многу талентиран автор, но исто така е познато дека тој има нагласени десничарски ставови.

Овие реакции го отвораат прашањето за тоа каде е моралната граница на творците и дали доколку се утврдат неетички пораки, уметничката вредност станува секундарна.

„Што е следно? Лени Рифенштал ќе добие постхумно „Златна камера“ на Манаки за животно дело?“, иронично коментира Коколанов.

Другите романи во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ се „Одбројување“ на писателката Фросина Пармаковска во издание на „Или-или“, „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, чиј издавач е „Готен“ .

„Одбројување“ е трет роман на Фросина Пармаковска („Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“). Дипломирала општа и компаративна книжевност, а магистрирала на културолошките студии при Институтот за македонска литература.

„Апокалипса. мк“ е последниот роман на Бранко Прља, кој под псевдонимот Берт Стајн ги објави романите „3 минути и 53 секунди“ и „1 час и 30 минути“. Автор на повеќе збирки раскази.

Игор Станојоски, авторот на „Диссомнии“, дипломирал македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а докторирал на Институтот за словенска филологија „Сосновјец“ во Полска. Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката, како и на романите „Гаргара“ и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“.

Добитникот на наградата „Роман на годината“, за која во официјална конкуренција беа 27 романи, ќе биде соопштен на 15 март, а по пат на тајно гласање за него одлучува жирито во состав: Давор Стојановски (претседател), минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „Роман на годината“ 18 години претходно ја доделуваше лани згаснатиот „Утрински весник“.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top