Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Брзото ширење на КОВИД-19 во кинескиот град Вухан предизвикало зголемен надзор во кинески Шенжен. Добиените податоци даваат ретка можност за мерење на клучните метрики на текот на болеста, пренесувањето и влијанието на контролните мерки.
Широкиот епидемиолошки надзор, изолирањето на заразените пациенти и ставањето на изложените лица во карантин во Шенжен во раните месеци од епидемијата на ковид-19 им овозможиле на научниците да проценат некои важни карактеристики на заразната болест, според истражување во кое учествувале и истражувачи од Школата за јавно здравје Блумберг на Џонс Хопкинс.
Истражувачите, чии наоди беа објавени во понеделникот во научното медицинско списание Лансет, анализирале податоци собрани од Центарот за контрола и превенција (ЦДЦ) на Шенжен, врз 391 лице со ковид-19 – „индексни случаи“, или први откриени случаи во една епидемија, и врз 1.286 од нивните блиски контакти во текот на 30-дневниот период помеѓу 14 јануари и 12 февруари. Анализата, за која се смета дека е прва од ваков вид во така добро документирана и добро тестирана група на случаи, открила дека индексните случаи на ковид-19 имале симптоми во просек околу пет дена пред да бидат идентификувани, но дека јавноздравствените правила на трагање по контакти и масовно тестирање ја намалиле оваа временска рамка на околу три дена за контактите заразени од нив.
Меѓу контактите, оние што живеат во исто домаќинство со заразените биле под најголем ризик од инфекција. Децата, иако со помала веројатност да развијат сериозни симптоми, биле заразени со иста стапка како и возрасните.
„Имањето податоци за рана група на заразени лица, како и за нивните контакти, ни овозможи да се справиме со прашањата за динамиката на преносот на ковид-19 на кои претходно беше тешко да се одговори“, вели коавторот на студијата Џастин Леслер, вонреден професор во Одделот за епидемиологија на школата Блумберг.
За епидемиолозите може да биде тешко да проценат како се пренесува патогенот од една до друга личност откако ќе почне ширењето во заедницата, затоа што потенцијалните патеки на пренесување стануваат премногу сложени за да може успешно да се трага по нив. Спротивно на тоа, рано во епидемијата, пред да почне ширењето во заедницата, епидемиолозите многу полесно можат да ја проценат динамиката на преносот со пронаоѓање на симптоматските луѓе и потрага на нивните неодамнешни контакти за да видат кој се заразил, а кој не.
Сместен северно од Хонг Конг, Шенжен е густо населен град со околу 13 милиони луѓе. Поттикнат од информациите од провинцијата Хубеи, каде што епидемијата на ковид-19 почна во градот Вухан кон крајот на 2019 година, ЦДЦ Шенжен уште во почетокот на јануари почнал да ги собира и да ги тестира сомнителните случаи во градот, вклучувајќи и луѓе што неодамна допатувале од Хубеи, лицата со треска во локалните болници и други што биле откриени во заедницата преку проверки на температурата. Јавноздравствената агенција ги следела и сите неодамнешни блиски контакти на сомнителните случаи. Сомнителните или потврдените случаи со симптоми биле изолирани во локалните болници, а асимптоматските лица со изложеност потврдена со тест биле ставени во карантин.
Истражувачите откриле дека меѓу 391 потврден случај на ковид-19 во тој период, мажите (187 случаи) и жените (204 случаи) биле приближно еднакво застапени, иако мажите имале околу 2,5 пати поголема веројатност да покажат сериозни симптоми. Децата можеле да се заразат исто колку и возрасните, иако поверојатно било дека ќе немаат сериозни симптоми.
Само околу 9% од 391 заразено лице покажале сериозни симптоми во моментот кога првпат биле испитани од лекарите. Меѓу секундарните случаи откриени со потрага по контакти, 20% не пријавиле никакви симптоми во моментот кога биле испитани – што посочува дека значителен дел од носителите на коронавирусот се „тивки носители“, барем во раната фаза на инфекцијата. Просечната возраст на 391 заразено лице била околу 45 години.
Примерокот од 391 лице вклучувал подгрупи за кои било познато времето на важните настани, што им овозможило на истражувачите да ги проценат клучните временски интервали за ковид-19. На пример, за „периодот на инкубација“, од заразувањето до почетокот на симптомите, била проценета средна вредност од 4,8 дена. Средното време на закрепнување – интервалот од појавата на симптоми до снемувањето на симптомите и негативниот тест за РНК на вирусот – била 23 дена за лицата од 60 до 69 години, 22 дена за оние од 50 до 59 и 19 дена за оние од 20 до 29 години.
„Стапката на напад“, или процентот на блиските контакти што се заразиле од некој потврден случај, била 6,6% кога истражувачите претпоставувале дека се тестирани сите блиски контакти и дека се евидентирани сите позитивни резултати. Стапката на напад била поголема, 11,2%, за контактите во исто домаќинство.
„Серискиот интервал“, кој приближно го пресметува интервалот помеѓу заразувањето на едно лице и заразувањето друг човек, имал просечна вредност од 6,3 дена.
Истражувачите исто така пресметале дека „забележаниот репродуктивен број“, или просечниот број на откриени инфекции предизвикани од секој заразен човек, бил само 0,4. Таа мала бројка, што укажува на болест што брзо ќе исчезне наместо да се рашири, веројатно била делумно поради напорите на ЦДЦ Шенжен да ги открие и да ги изолира индексните случаи и нивните контакти. Ако репродуктивниот број остане помал од еден, инфекцијата не е во состојба ефикасно да се шири.
Лесер, сепак, забележува дека бројката 0,4 се засновува само на познатите заразени контакти. „Ја немаме целосната слика – немаше податоци за сите непознати контакти на секој случај на зараза, како што се луѓето што се возеле во автобуси со нив, или се разминувале на улица“, вели тој.
Покрај тоа, истражувачите откриле дека некои од заразените лица биле одговорни за голем број понатамошни заразувања, што значи дека таквите „суперпреносители“ можат релативно лесно повторно да разгоруваат епидемии.
„Нашата анализа сугерираше дека околу 80 проценти од инфекциите меѓу контактите се предизвикани од само 8,9% од нашите индексни случаи“, вели коавторот на студијата, Кифанг Би, докторанд во Одделот за епидемиологија на школата Блумберг.
Овие процени за клучните интервали и стапки на ковид-19 ќе им помогнат на епидемиолозите, фармацевтските научници и на претставниците на јавното здравство низ целиот свет да ги обликуваат своите цели и политики за успешно да се справат со предизвиците на пандемијата, велат истражувачите.
Студијата била остварена во соработка помеѓу групата на Леслер во школата Блумберг; Тинг Ма и колегите во Институтот за технологија Харбин и лабораторијата „Пенг Ченг“ во Шенжен; и Тјејан Фенг од Центарот за контрола и превенција на Шенжен.