Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Германската револуционерка Клара Цеткин, членка на меѓународното работничко движење, во 1907 година ја организираше Првата меѓународна конференција за жени. На нејзин предлог, 8. март е прогласен за Меѓународен ден на жената.
Клара Цеткин, моминско презиме Ајзнер, (5 јули, 1857 – 20 јуни, 1933), беше влијателна германска социјалистка и комунистичка политичарка и борец за правата на жените. До 1917 година беше активна во Социјалдемократската партија на Германија. Потоа стапи во Независната социјал-демократска партија на Германија (USPD) и нејзиното екстремно левичарско крило – Спартакистичката лига – која подоцна прерасна во Комунистичка партија на Германија. Клара беше и претставник на Комунистичката партија на Германија во Рајхстагот за време на Вајмарската Република од 1920 до 1933 година.
Се школуваше за наставничка и за време на образовниот процес се поврза со женското работничко движење во Германија од 1874 година. Во 1878 година стана член на Социјалистичката работничка партија (Sozialistische Arbeiterpartei, SAP). Оваа партија беше основана во 1875 година, со спојување на две претходно постоечки партии – Општата германска работничка асоцијалција (ADAV), која ја основаше Фердинанд Ласал, и Социјалдемократската работничка партија (SDAP), основана од Август Бебел и Вилхелм Либкнехт.
Поради забраната на социјалистичките активности која во Германија ја воведе Бизмарк во 1878 година, Клара Цеткин се преселува во Цирих во 1882 година. Потоа, заминува во прогонство во Париз. За време на престојот во Париз игра важна улога во основањето на Социјалистичката интернационала. Исто така, го зема презимето од својот љубовник, рускиот револуционер Осип Цеткин, со кого има два сина. Подоцна, се мажи за уметникот Георг Фридрих Кундел, со кого е до 1899 до 1928.
Заедно со Роза Луксембург, уште една икона на револуцијата и борбата за правата на жените, блиска пријателка и личност од доверба на Цетки, биле едни од главните личности на левото револуционерно крило во партијата. Во дебатата за ревизионизмот на почетокот од 20. век со Роза Луксембург, држејќи се до екстремната комунистичка догма, ги напаѓаат реформистичките тези на Едуард Бернштајн.
Цеткин многу се интересирала за женската политика, вклучително и борбата за рамноправност и правото на глас на жените. Развила социјалдемократско женско движење во Германија. Од 1891 од 1917 пишувала за женскиот весник на SPD, Die Gleichheit (Еднаквост). Во 1907 година станува водач на новоформираната „Женска канцеларија“ во SPD. На 8 март, 1911 година, ја организирала прославата на првиот „Меѓународен ден на жените“.
За време на Првата светска војна, Клара Цеткин, заедно со Карл Либкнехт, Роза Луксембург и други влијателни политичари од SPD, ја отфрлаат партиската политика Burgfrieden (примирје со владата, ветување за воздржување од сите штрајкови за време на војната). Покрај другите антивоени активности, Цеткин организирала и меѓународна женска антивоена конференција во Берлин, во 1915 година. Поради антивоените ставови, била апсена неколку пати за време на Првата светска војна.
Во 1916 година, Клара Цеткин била една од основачите на Спартакистичката лига и Независната социјалдемократска партија на Германија (USPD). Партијата во 1917 година се отцепила од својата матична партија, SPD, поради несогласувања со партистките провоени ставови. Во јануари, 1919 година, после Германската ноемвриска револуција претходната година, основана е KPD (Комунистичката партија на Германија). Клара пристапува во оваа партија и ја претставува истата во германскиот парламент во периодот од 1920 до 1933 година. Го интервјуирала и Владимир Илич Ленин на темата за „женското прашање“ во 1920 година.
До 1924 година, Клара Цетки била член на централната канцеларија на KPD. Од 1927 година до 1929 била членка на партискиот централен комитет. Исто така, од 1921 до 1933 била член на извршниот комитет на Комунистичката интернационала (Коминтерна). Во 1925 година избрана е за претседателка на германката левичарска хуманитарна организација Rote Hilfe (Црвена помош). Во август, 1932 година, како претседавач на Рајхстагот по старешинство, го повикува народот да се бори против национализмот.
Кога Адолф Хитлер и неговата Национал-социјалистичка германска работничка партија ја презеле власта во Германија, Комунистичката партија на Германија во 1933 година е исфрлена од Рајхстагот. Клара Цеткин последен пат заминува во прогон, овој пат во Советскиот Сојуз. Таму починува на 20 јуни, 1933 година, на речиси 76-годишна возраст. Погребана е под ѕидините на Кремљ, во Москва.