Кина официјално побогата од САД – Кинезите се најбогатата нација на планетата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според статистичките податоци од најновиот извештај на NextShark, Кина официјално ги надмина САД и со тоа Кинезите станаа најбогатата нација на светот.

Вкупната нето вредност на светот се искачи од 156 трилиони долари во 2000 година, на 514 трилиони долари во 2020 година што го прави светот побогат отколку што некогаш бил во кој било момент во историјата.

Кина е одговорна за речиси една третина од тоа зголемување, според извештајот на консултантската фирма McKinsey & Company.

Мекинзи ги анализирале националните биланси на 10 земји кои претставуваат 60 отсто од светскиот приход. Од тие земји, Кина има 50 отсто зголемување на нето-вредноста, потоа САД (22 отсто) и Јапонија (11 отсто).

Извештајот покажал дека богатството на Кина пораснало од 7 трилиони долари во 2000 година на 120 трилиони долари во 2020 година. Богатството на САД се зголемило повеќе од двојно на 90 трилиони долари во истиот период.

Но, иако светот денес е побогат од кога било, нееднаквости сè уште постојат. Само во Кина и во САД, повеќе од 67 отсто од богатството е контролирано од 10 отсто од најбогатите домаќинства – и тие продолжуваат да заработуваат се` повеќе и повеќе.

Извештајот исто така покажал дека 68 отсто од светската нето вредност лежи во недвижен имот. Остатокот е во инфраструктура, инвентар, машини и опрема и „нематеријални средства“ како што се интелектуална сопственост и патенти, според Блумберг.

Со зголемувањето на трошоците за недвижности, Кина, со компанијата за развој на недвижен имот со седиште во Шенжен, Евергранд, би можела да претрпи финансиска криза слична на балонот за домување што пукна во Америка во 2008 година. Евергранд веќе е во многу непријатна ситуација поради долгови од вкупно 300 милијарди долари , што наводно го принудило нејзиниот претседател да го продаде својот личен имот, пренесува CNN.

Падот на глобалните цени на недвижностите може да уништи дури 33 отсто од светското богатство, истакнале од Мекинзи. За да се избегне таквото сценарио, неопходно е да се поттикнат продуктивни и одржливи инвестиции кои придонесуваат за глобалниот бруто домашен производ (БДП), покажал извештајот.