Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Кина направи важен чекор во создавањето сопствена авионска производствена индустрија. По повеќегодишни пролонгирања, патничкиот авион Ц919 го изведе првиот лет.
Со сопствено произведениот авион Кина настапува против колосите во браншата, Ербас и Боинг и врши конкуренција кон нивните продажни хитови А320 и 737. По 80-минутниот лет со петмина пилоти и инженери, авионот C919 безбедно слета во Шангај. Државната телевизија ЦЦТВ во живо во пренесуваше слетувањето, а настанот го следеа илјадници функционери, соработници од авиобраншата и граѓани.
Патничкиот авион првпат требаше да полета уште во 2014 година, но поради проблеми во производството, првиот лет беше одложен за повеќе месеци. Авионот кој ѝ беше претставен на јавноста во ноември 2015 година, може да прими 158 до 168 патници.
Прв муштерија е Кина Истерн Ерлајнс. Државниот производител на авиони Комак тврди дека има веќе 570 порачки од 23 клиенти, но не се очекува првите испораки да бидат во скоро време. Според аналитичарите, во технолошки поглед, C919 сепак заостанува зад А320 и Боинг 737. Од двата модели во идните две години на пазарот ќе се појават модернизирани верзии. Освен тоа, Кинезите сѐ уште се зависни од испораки од странство, на пример во делот на моторите. Тие веројатно ќе наидат на тешкотии и при меѓународната продажба, поради доминацијата на Ербас и Боинг.