Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
„Рускиот е јазик на агресорска земја и нема место за него во срцето на нашиот главен град“, порача заменик претседателот на градскиот одбор за образование, наука, младина и спорт Вадим Василичук.
Според него забраната важи за книги, музика, театарски претстави, концерти како и понуди од културата и образованието.
Иницијативата ја почна граѓанското движење „Одбивање“ кое од 2014 година се залага за забрана на сè руско во Украина, како и за бојкот на руската стока, филмови и музика.
„Забрана на производите на руски јазик е неопходна. Како дополнителен лост за активистите кои се борат за тоа да се бојкотира сè руско, за да може да се каже: Исклучете го тоа, отстранете го рускиот од јавниот живот“, вели активистката на таа организација Катерина Чепура за Дојче веле.
Истовремено се покажува дека овој мораториум е неефикасен: „Тоа е повеќе морален фактор, кој ги охрабрува луѓето, кои повеќе не сакаат да ја слушаат руската музика на улица или во театар“, верува Чепура
Историјата на забраната на руските културни производи во Украина почна уште во септември 2019. Прва таква забрана е изречена во градот и регионот Лавов. Истото потоа го направија и градовите Тернопол и Житомир, како и областа Волинија.
Володимир Јаворски од украинскиот Центар за граѓански слободи смета дека овие одлуки го кршат уставот. „Тоа се нелегални одлуки, кои немаат правни последици. Имено, локалните власти немаат право да ги регулираат тие прашања и да изрекуваат забрани, бидејќи тоа е дискриминирачко“. Тој додава дека правосудството веќе ја потврдило незаконската природа на тие одлуки. Јаворски вели дека некој кој ќе го прекрши овој мораториум не може да биде изведен пред суд. „Сите тие одлуки на локалните власти се чисто политички чекор. Само парламентот на Украина може да постави таква забрана на законско ниво, само тогаш е обврзувачка и кршењето може да произведе правни последици“.
Во јуни 2022 Врховната рада на Украина навистина ја забрани употребата на песните на руските уметници во јавниот простор. Но не стануваше збор за целосна забрана. Тоа не важи за руските пејачи кои ја осудуваат војната во Украина. Неодамна украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон за забрана на увоз и ширење на руски книги, кој Врховната рада го донесе минатата година.
Украинската уметница и авторка Евгенија Белорусец која пишува на украински, руски и германски смета дека забраната на рускиот ќе доведе до судири во украинското општество. Смета дека забраните се дискриминирачки. „Кај сите тие забрани станува збор за митот за улогата на жртва на украинската култура, која има право да ги дискриминира останатите форми на културен израз. Културата на украински јазик знае многу добро што значи да се биде изложен на дискриминација. Затоа надминувањето на таа траума не би требало да се води преку нанесување слична болка на други“. Таа ги повикува сите да не бидат „агресор и да не проектираат агресивни намери на внатрешната комплексна и повеќеслојна културна ситуација на Украина“.
Белорусец смета дека иднината на демократска Украина е токму во тоа секој да има свои права и комплексно минато. „Предизвикот е во тоа да се дозволат поинакви погледи во општеството“, вели таа.