Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според официјални извори од затворот на кои се повикува МКД.мк и ги пренесува истите, Зоран Милевски Кичеец е спроведен во Истражниот затвор во Шутка. Определен му е притвор во траење од 30 дена поради сообраќајната несреќа која се случи близу Стража во која загина 34 годишен гостиварец. На барање на Обвинителството, Основниот суд во Гостивар му одреди мерка притвор под сомнение дека ја предизвикал сообраќајката престигнувајќи возило на полна линија.
„Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес” со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ” со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг” со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот” во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг”. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ” кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг”, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди”, се наведува во соопштението на ОЈО Гостивар.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, оштетените и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Предлогот е прифатен од Судот.
Кичеец е правосилно осуден за случајот „Рекет“, но добил прекин на издржувањето на 3 годишната затворска казна поради проблеми со срцето. Одлуката да му биде одобрен прекин минатиот месец ја донела Управата за извршување на санкции, а за тоа јавноста дозна откако се случи сообраќајката во која едно лица загина, а седум беа повредени.