Ќе се снима серија според култната лектира „Зоки Поки“ – еве како настанала книгата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кога во 1963 година, во издание на „Детска радост“, излезе „Зоки Поки“ од авторката Оливера Николова, книжевната критика имаше само пофално зборови и епитети за лектирното освежување на детската литературна сцена.

Оваа година, Агенцијата за филм одобро 19 милиони денари за снимање на ТВ-серија базирана на кратките приказни од ова популарно детско литературно дело, со што култната книга повторно се најде во центарот на вниманието на јавноста. Серијата ќе ја режира Александар Поповски, а ќе ја продуцира „Кино око“.

Николова пред неколку години за „1Е Магазин“ раскажа дека пред да ги напише расказите немала некој особен афинитет кон детската литература бидејќи ѝ се чинело дека не ја познава доволно детската психологија зашто сѐ уште немала свои деца. Во тој период пишувала репортажи и подготвувала емисии за деца во „Радио Скопје“, пренесува Женски магазин.

„На радиото се емитуваа кратки текстови за кои ми беше тешко да ги барам, да ги препечатувам, па почнав самата да си ги пишувам. Оттука се родија расказите за Зоки Поки“, откри Николова.

Стилот на пишување и начинот на третирањето на темата биле сосема нови со што се внесла една нова свежина во детската литература. Дотогаш во литературата наменета за најмладите преовладувале руралните теми или бајките. Наеднаш сите почнале да зборуваат за Зоки Поки, урбано дете кое со своите итроштини остана врежан во меморијата на многу генерации.