Ќе се декласифицираат договорите за државната помош која ја земаат странските инвеститори


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Граѓаните наскоро ќе дознаат колкава сума народни пари завршиле кај странските инвеститори во форма на субвенции со што конечно ќе стане јасно дали државата има поголема корист или е во загуба од начинот на привлекување странски инвестиции. Договорите кои поранешната владејачка гарнитура ги склучила со странските инвеститори ќе бидат декласифицирани, одлучи Владата на последната седница.

Генералниот секретаријат за 7 дена треба да достави до Владата комплетна листа на класифицираните договори со странските инвеститори, како и да ги обезбеди информациите која институција е создавач на истите. Единствено институцијата која е создавач на класифицираните податоци може да ги декласифицира. Агенцијата за странски инвестиции и Технолошко индустриските зони исто така се должни да обезбедат податоци.

„Се задолжија агенцијата на странски инвeстиции и техничко-развојните индустриски зони, како и сите други министерства и државни органи кои се создавачи на вакви органи, истите да бидат декласифицирани. Во рок од 7 дена, генералниот секретаријат  на владата, треба да изготви листа  кои сите институции  имаат подготвено вакви договори и документи“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Поранешниот директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо не сакаше да ја коментира одлуката на Владата.

„Не би сакал да ја коментирам одлуката, тоа е политичка одлука, не се однесува на привлекувањето странски инвеститори“, вели Виктор Мизо за Тв 24.

Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека во неговото министерство нема такви договори.

„Моментално во Министерството за економија, такви договори нема и ова прашање да се насочи кон институциите што потпишале вакви договори“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Законската регулатива на странските инвеститори им овозможува да бидат ослободени од придонеси, даноци, царини и комунални трошоци. Им беа покривани трошоците за градење објекти и трошоците за образование на работниците и добиваа директни грантови од  државата. Криењето на договорите и сумите беше остро критикувано од експертската јавност и беше повод за бројни истражувања. Според анализата на Институтот за oпштествени и хуманистички науки, од 2007 до 2015 година државата потрошила 159 милиони евра за привлекување и субвенционирање на странските инвестиции во земјава, додека инвеститорите за плати на вработените исплатиле 92,1 милиони евра.  Центарот за економски анализи пак пресмета дека едно ново вработување ја чини државата 21.000 евра. Истражувањето на Призма покажа дека од најавените 3,79 милијарди евра, инвестирани се само 583,87 милиони евра.