Home Актуелно Ќе продолжат со изградба автопатите кои ги гради кинеската компанија Синохидро

Ќе продолжат со изградба автопатите кои ги гради кинеската компанија Синохидро

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев оствари средба со aмбасадорката на Народна Република Кина, Јин Ликсиан. Соговорниците разговараа за економската соработка помеѓу двете земји, констатирано е добро ниво и потенцијал за понатамошно интензивирање на соработката.

„Народна Република Кина е земја со најголем номинален бруто домашен производ во светот, една од најголемите и најбрзо растечките економии и потенцијалот за меѓусебна соработка е огромен. Радува податокот дека извозот од Република Македонија кон Кина е речиси двојно зголемен изминатава година, со што е намален трговскиот дефицит, но тој се уште е висок. Како мала економија ќе продолжиме да наоѓаме решенија, производите и услугите на македонските компани да се пласираат на кинескиот пазар, кој е со неограничен потенцијал за соработка“, истакна Анѓушев.

Тема на разговор беа и двете делници на автопатишта кои ги изведува кинеската компанија Синохидро и се финансирани со заемот од кинеската Ексим банка.

„Инфраструктурните проекти се од особена важност за унапредување на конкурентноста на македонските компании и Владата ќе се посвети на реализација на вакви проекти. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите меѓу Миладиновци и Штип и на Кичево и Охрид, се надминаа проблемите и изнајдовме компромисно решение коешто ќе овозможи продолжување и комплетирање на започнатите работи. Делниците се важни за компаниите во источниот и западниот дел на Македонија заради поквалитетен, побрз и побезбеден транспорт на луѓе и стоки. Компаниите ќе бидат поконкурентни, со што ќе се придонесе до локален и регионален економски развој, но и раст на економијата на државата“, потенцираше вицепремиерот.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…