Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Уште се чека одлука дали во земјава ќе се задржи летното сметање на времето за да се заштеди електрична енергија, иако беше најавено дека Министерството за економија до денеска ќе ја достави анализата до Владата.Од Владата велат дека уште немаат ништо официјално добиено.
Претходно од Владата информираа дека го задолжиле Министерството за економија да ја разгледа можноста за продолжување на летното сметање на времето со цел дополнително да се заштеди струја.
– Во моментов кај нас нема ништо пристигнато од Министерството за економија/ Штом ќе добиеме нешто, веднаш ќе биде закажана владина седница, по која ќе ја известиме јавноста за донесената одлука – нѐ брифираа владините служби.
Министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување во емисијата „Само вистина“ истакна дека за оваа тема е побарано е мислење од МАНУ и од Бирото за метрологија.
– Штом ќе го добиеме нивното мислење и анализа ќе доставиме информација до Владата која треба да ја донесе последната одлука. Мене ми се важни нивните анализи. Мицкоски кажа дека летното сметање на времето ќе влијаело само со 2-3 проценти, но нека каже од каде му се тие информации. Сите анализи се прават во институции, а не по партиски штабови – рече Бектеши.
Бектеши потенцираше дека има доволно време за до крајот на месецот да ги добијат мислењата од МАНУ и од Бирото за метрологија, по што ќе следи и конечната одлука дали оваа година ќе остане летното сметање на времето и за време на зимските месеци.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час назад. Евентуалното задржување на летното сметање на времето ќе значи дека во зимските месеци сонцето ќе изгрева еден час подоцна, работниот ден со природна светлина ќе биде подолг, па наместо да почне да се стемнува во 16 часот, ќе се стемнува час подоцна.
Дебатата за целосното укинување на менувањето на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија пред четири години. Анкетата спроведена во тоа време покажа дека околу 83 отсто од жителите на ЕУ изјавиле дека поддржуваат укинување на овој начин на пресметување, по што Комисијата достави официјален предлог до Европскиот парламент, кој го усвои во 2019. На сите држави им беше оставено сами да си одлучат што ќе прават, но во пракса не дојде до промени.