Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Англискиот писател Казуо Ишигуро е добитник на Нобеловата награда за литература за 2017 година, во образложението на Шведската академија за неговите романи пишува дека се „со голема емоционална сила”, за која, како што се вели „ја откриваат бездната под нашето илузорно чувство на поврзаност со светот” .
Покрај имињата како Маргарет Атвуд, Нгуги Ва Тионго и Харуки Мураками, Ишигуру e изненадувачки избор. Годинашното книжевно признание се враќа на позната територија по минатогодишниот контроверзен избор на пејачот и текстописец Боб Дилан. Како што пишува Академијата, авторскиот ракопис на Ишигуро е „обележан со внимателно воздржан начин на изразување, независно од настаните што се случуваат”.
„Ова е прекрасна и сосема неочекувана вест. Доаѓа во време кога светот не е сигурен во своите вредности, во своето лидерство и својата безбедност. Се надевам дека тоа што ја добивам оваа огромна чест, барем малку ќе ги охрабри силите на добра волја и мир во ова наше време“.
Колегата на Ишигуро, исто така добитник на наградата „Букер“, Салман Ружди, кој е редовно потенцијален кандидат за Нобеловата награда, беше еден од првите што му честиташе. „Многу честитки до мојот стар пријател Иш, чија работа ја сакав и се восхитував уште откако првпат кога го прочитав романот „A Pale View of Hills“, рече Ружди. „А и тој свири гитарата и пишува и пее! Тргнете го Боб Дилан.“
Според поранешниот лауреат, поетот Ендрју Моушн, имагинарниот свет на Ишигуро има висока вредност и доблест истовремено да биде високо индивидуален и длабоко познат свет на збунетост, изолација, внимателност, закана и чудо.
„Како го прави тоа?”, прашува Моушн. „Меѓу другото, неговите приказни се потпираат врз принципи кои комбинираат многу прецизен вид резерва со подеднакво јасни индикации за емоционален интензитет. Тоа е извонредна и фасцинантна комбинација и прекрасно е да се види дека тоа е препознаено од страна на комисијата за Нобеловата награда.“
Еден час откако се објави името на добитникот, Сара Даниус, постојан секретар на Академијата му ја соопшти веста на Ишигуро, таа рече дека тој бил благодарен и почестен.
Даниус го опиша ракописот на Ишигуро како мешавина од делата на Џејн Остин и Франц Кафка, „но мора да додадете и малку од Марсел Пруст во мешавината, потоа малку да измешате, не премногу и ќе ги добиете неговите дела.
„Тој е писател со голем интегритет и има развиено сопствен естетски универзум. Даниус рече дека нејзиниот омилен роман од Ишигуро е „Погребан џин”, сепак „Остатоци на денот“ е вистинско ремек дело кое започнува како роман од Вудхаус, а завршува кафкијански.
„Тој е многу заинтересиран да го разбере минатото, но не е прустовски писател, тој не сака да го откупи минатото, туку го истражува она што треба да го заборавите за да преживеете, како поединец или како општество“, рече таа, додавајќи дека во споредба со минатогодишното дигање прашина, се надева дека овогодинешниот избор ќе го направи светот среќен. „Не сум тука да судам, ние само го избравме оној за кој мислиме дека е сјајен писател“, рече Даниус.
Издавачот на Ишигуро од „Faber & Faber“, Стефан Пејџ изјави дека веста е вонредно возбудлива.
„Тој е апсолутно уникатен писател”, рече Пејџ, кој ја слушна веста за победата на Ишигуро додека чекаше на аеродромот во Даблин. „Тој има емоционална сила, како и интелектуална љубопитност која секогаш наоѓа огромен број читатели. Неговото дело понекогаш е предизвик и е поголем по обем, но поради таа емоционална сила, толку често допира до читателите. Тој, буквално, е писател кого го читаат низ целиот свет“, вели Пејџ.
Ишигуро е роден во Јапонија, кога имал пет години, неговото семејство се преселило во Велика Британија. Студирал креативно пишување на Универзитетот во Источна Англија, објавувајќи го својот прв роман, „ Pale View of the Hill ” во 1982 година. Оттогаш тој е писател со полно работно време. Според Академијата, темите на „меморијата, времето и самозаблудување” се провлекуваат низ неговата работа, особено во романот „Остатоци на денот”, кој на Ишигуро, во 1989 година му ја донесе наградата „Букер“ и беше преточена во филм, во кој Антони Хопкинс ја игра главната улога на опседнатиот од должноста, батлер Стивенс.
Неговите понови романи се повеќе свртени кон фантастичното: дејствието на „Never Let Me Go“ се случува во дистописка верзија на Англија, додека „The Buried Giant“, објавен пред две години, раскажува за една постара двојка на патување низ некој чуден и вонземски англиски пејзаж . „Овој роман ја истражува меморијата наспроти заборавот и фантазија наспрема реалноста”, пишува Шведската академија. Освен неговите осум книги, заедно со збирката раскази „Nocturnes“, Ишигуро има напишано и сценарија за филм и телевизија.