Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Судот изрече казна затвор во траење од три години и еден месец за сопственикот на порталот „ДоказМ“, Марјан Стаменковски, пренесува Слободна Европа.
На рочиштето кое се одржа денеска, 4 април, судијката Марија Клетничка – Марковска го осуди Стаменковски на казна затвор за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Судот објави дека Стаменковски е виновен затоа што преку веб порталот во негова сопственост ширел расистички и ксенофобичен материјал во јавноста, и преку уцени и закани кон повеќе лица прибавувал лична корист.
За секое од делата „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и за „злоупотреба на лични податоци“, Судот му одреди по една година затвор односно вкупно четири години затвор, но согласно закон му одреди една единствена казна затвор од три години и еден месец, во која се засметува и времето поминато во притвор.
Тој за делот злоупотреба на лични податоци доби казна од 5.000 евра, а ако не ги плати ќе добие до шест месеци затвор.
Стаменковски не ќе може да регистрира домен или да биде сопственик на портал во МАРНЕТ во следните 10 години, а сите досегашни домени треба да се избришат.
Пресудата е неправосилна и тој сега има право да се жали до Апелација.
Судењето беше зад затворени врати, бидејќи на рочиштата се изведуваа делови од приватните животи на обвинетите.
Стаменковски е во притвор од средината на февруари годинава.
Тој беше приведен на 9 февруари годинава, а во неговиот дом беше извршен претрес, откако против него биле поднесени низа пријави во врска со содржините што тој ги објавувал на неговиот портал. По отворањето на првиот случај, Јавното обвинителство отвори уште еден против Стаменковски, будејќи стигнале и други пријави од граѓани за неговите пишувања.