Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Денес, во рамки на новото судско рочиште за „крвавиот четврток“, на жешкото столче во судницата седна бившиот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Неговото сведочење заврши со десетиците прашања кои, како на учениче, му ги постави судијката Добрила Кацарска.
Таа се обиде да го оспори сведочењето на Вељаноски кој во поголемиот дел на прашањата одговараше дека не бил свесен и дека не бил запознаен со одредени настани кои се случија на 27 април во законодавниот дом, пренесува Фокус.
Така Вељаноски, одговарајќи на прашања на Кацарска, рече дека не бил запознаен со фактот дека во Собранието се движат лица со фантомки на главата, ниту пак дека за тоа го известил шефот на неговото обезбедување, Горан Ѓошевски Леви. Ова за Кацарска беше несфатливо бидејќи Вељаноски претходно рече дека повторно би го ангажирал Леви како негов телохранител доколку му се укаже можност.
-Дали знаевте дека истиот тој Леви им го покажуваше патот на демонстрантите кон прес центарот во Собранието?- праша Кацарска.
-Не- одговори Вељаноски.
-Дали некој ве информираше, со оглед дека бевте претседавач во Собранието, дека исто тоа ваше обезбедување, вработено во МВР, кое зема плата од даночните обврзници, дека со својата картичка сака да ги отвори вратите на зградата кои водат до прес салата?
-Не сум запознаен со тоа. -Дали сте барем со нешто запознаен од настаните тој ден како претседател на Собранието? – праша судијката, а Вељаноски ја упати на неговото сведочење. Понатаму Кацарска откри смс комуникација која се водела меѓу Вељаноски и Горан Ѓошевски Леви. На прашањето да објасни за какви мерки станува збор во порака каде Вељаноски вели дека на некој Душко треба да му бидат кажани мерките, Вељаноски рече дека се работи за мерки на полици во село.
-Дента кога се случуваше тоа што се случуваше вие зборувавте за полици во некое село? -прокоментира таа.
-Знаевте ли дека во прес центарот се тепаат пратеници, а во други простории на Собранието се напаѓаат и новинари?
-Видов на телевизија.
-Не се јавивте во МВР за нешто да направите за вашите колеги?
-Не се јавив ни на министер, ни на заменик министер, ниту на директор на БЈБ, ниту на началник.
-Значи ли тоа дека на 27 април се грижевте само за тоа вашето обезбедување да не дозволи некој друг да седне на вашето место, со оглед на тоа дека имате таква порака?
-Претседавачкото место е симбол на инстуцијата Собрание, не може кој како сака да седне таму и кој кога сака да стане. Создаваме така погрешна слика за Собранието – рече Вељаноски по што заврши неговото сослушување во судот за овој предмет.
Извор: Фокус