Актуелно

Катастарци си ги зголемија платите до 30 отсто, а професорите и лекарите чекаат на 5 отсто од Собрание

Со Правилникот за зголемување на основната плата и зголемувањето на додатоците на основната плата кој стапува на сила во Агенцијата за катастар на недвижности, сета администрација која е вработена во оваа државна институција вклучително со платата за септември, ќе добие зголемување на примањата од 15, 20 па и 30 отсто, од кои последната ставка за работниците од ИТ-секторот. Вака претходно одлучи управата на „Катастарот“, пренесува Фактор.

Оваа државна институција, бидејќи станува збор за агенција, се финансира самостојно од наплата на услугите и делумно од основниот буџет, но за зголемувањето на приходите на вработените одлучува сама.

Парите се обезбедени од сопствениот буџет, а од таму велат дека тоа не е на сметка на странките кои плаќаат за услуги во случај кога оваа агенција најчесто се поставува како монопол. Од кабинетот на директорот Борис Тунџев одговараат дека зголемувањата на платите за вработените во сите сектори, одделенија и подружници е од самофинансирачкиот буџет и дека тоа не се должи на некакво поскапување или зголемување на наплатата на услугите.

„Имено, предметното зголемување на платите на сите вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, ќе биде пресметано со септемвриската плата, а согласно член 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности, објавен во Службен весник бр. 124/2019 и подзаконските акти, донесени согласно овој член. Горецитираното се однесува на сите вработени, а средствата се обезбедуваат од сметката од самофинансирачки активности на Агенцијата, согласно член 23, став 3 од истиот закон. Истовремено, сакаме да потенцираме дека тарифите на услугите не се зголемени, напротив, согласно Тарифниците донесени во 2017 година, цените на катастарските услуги се намалени од 20%-50%, а по однос на инфраструктурните податоци и до 90%, но со домаќинско и рационално трошење и успешно менаџирање, за прв пат во историјата на Агенцијата, се овозможи зголемување на платите од ваков обем, сѐ со цел, зголемена мотивација и ефикасност во работењето.“, гласи одговорот од кабинетот.

Вкупниот број на вработени во Агенцијата за катастар изнесува 837 сужбеници на крајот од 2018. Според финансискиот план на оваа агенција, за 2019 планирано е да се потрошат 5,6 милиони евра.

Од приходите од самофинансирачки активности, односно од услугите кои ги наплатувал „Катастарот“ лани се собрани 491 милион денари, со тоа што 109 биле пренесени од претходната година, а исто така и од државниот буџет му се одобрени 200 милиони денари, така што вкупните приходи лани изнесувал повеќе од 690 милиони денари.

Ваквото зголемување доаѓа истовремено кога пратениците вчера се согласија со посебен Закон кој се носеше по скратена постапка за доктори, професори, здравствени работници, вработени во јавни установи, односно целата јавната администрација за септември да добие повисока плата за 5 отсто.

Во прашање се околу 138 илјади вработени во државниот сектор кои ќе се офајдат со септемвриски плати зголемени за пет проценти од буџетот со Законот кој помина со глас „ЗА“ на 82 пратеници без воздржани и против.

Advertisements
To Top