Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Сончев Систем, нашиот вселенски поширок дом, и неговите планети настанале пред 4,6 милијарди години, а меѓу другото, научниците долго дебатираат и за староста и потеклото на прстените на Сатурн.
Нови податоци и сознанија собрани со помош на вселенското летало „Касини“ на НАСА, кое обиколуваше околу Сатурн од 2004 до 2017 година, даваат нови погледи за тоа колку долго биле присутни прстените околу оваа „надворешна планета“ и кога тие би можеле да исчезнат.
Нашиот Сончев Систем и неговите планети настанале пред 4,6 милијарди години, а меѓу другото, научниците долго дебатираат и за староста и потеклото на прстените на Сатурн. Некои астрономи веруваат дека светлите ледени прстени се релативно многу „понови“. Анализата на податоците води до нови откритија и ја поддржуваат теоријата дека прстените се појавуваат долго по првичното обликување на Сатурн, објави списанието „Икарус“.
– Нашата претпоставка е дека прстените на Сатурн мора да се релативно млади, според астрономските стандарди, т.е. стари само неколку стотици милиони години. Ако го погледнете сателитскиот систем на Сатурн, има и други навестувања дека таму се случило нешто драматично последниве стотици милиони години. Прстените на Сатурн не се стари колку планетата, туку се случило нешто за да се создаде нивната неверојатна структура и тоа е многу интересно да се истражи, изјави професорот по Астрономија, Ричард Дурисен.
Тоа би значело дека прстените се формирале и додека диносаурусите сѐ уште талкале по Земјата. Сатурновите прстени се состојат главно од мраз, а само мал удел има тн. карпеста прашина од делови од астероиди и микрометеороиди. Сѐ тоа „лебди“, т.е. орбитира околу гасовитата планета.
Вселенскиот телескоп „Хабл“ на НАСА го набљудува Сатурн одреден временски период секоја година како дел од програмата „Наследство на атмосферата на надворешната планета“ (ОПАЛ), па овој гасовит џин секогаш открива нешто ново.
Тие сознанија, дополнети со наодите на „Касини“, посочуваат дека на прстените не им останува многу време според астрономските стандарди. Научните проценки говорат дека тие ќе постојат најмногу неколку стотици милиони години.
Можно е и сега темните прстени околу Нептун и Уран некогаш да биле поголеми и посветли, слични на прстените на Сатурн денес.
Научниците сѐ уште не се сигурни што ги создало прстените на Сатурн. Меѓу претпоставките е и тоа дека гравитациска нестабилност уништила некои од ледените месечини што кружат околу планетата, создавајќи доволно материја за да се распореди во прстените какви што ги знаеме. Идните вселенски мисии ќе ги истражуваат и природните сателити на Сатурн, па тоа би можело да понуди повеќе сознанија за настанувањето на прстените, но и други откритија.