Канје Вест објави дека ќе се кандидира за претседател на САД во ноември – Илон Маск му најави поддршка


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Американскиот рапер Канје Вест на Твитер објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во ноември и ќе ги предизвика на политички дуел републиканецот Доналд Трамп и неговиот политички ривал, демократот Џо Бајден.

„Сега ние мора да го исполниме ветувањето на Америка верувајќи во Господ, обединувајќи ја нашата визија да ја градиме нашата иднина. Јас се кандидирам за претседател на Соединетите држави“, твитна Вест на твитер со емотикон на американското знаме и хаштагот # 2020VISION.

Сè уште не е познато дали Вест, поддржувач на Трамп, навистина има намера да се кандидира на четири месеци пред изборите на 3 ноември и дали тој дури направил официјално барање да се кандидира за претседател.

Во голем број држави, крајниот рок за додавање на независни кандидати за претседател сè уште не е истечен.

Вест и неговата подеднакво позната сопруга Ким Кардашијан неодамна го посетија Трамп во Белата куќа.

На состанокот на претседателот и раперот во октомври 2018 година, Вест даде чуден говор за паралелните универзуми и неговото биполарно растројство за кое тој тврди дека всушност е недостаток на сон.

Најновата објава на американскиот рапер предизвика лавина реакции кај неговите 29 милиони следбеници.

Илон Маск, извршен директор на Тесла и уште една славна личност позната по ексцентричните испади, го поддржа во својот пост на Твитер.

„Ја имаш мојата целосна поддршка“, му напиша Маск.