Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
По иницијатива на О2 коалицијата за чист воздух, која подготви платформа со барања за чист воздух и остварување на правото за чиста животна средина, кандидатите за градоначалници на Скопје, Коце Трајановски од ВМРО – ДПМНЕ, Петре Шилегов од СДСМ, Марија Јонес од Левица, Ванчо Шехтански од ТМРО, Нафије Селмани од Беса и Ѓорѓи Тодоров од НДМ денеска истовремено потпишаа изјава со која ја прифаќаат платформата на граѓанската иницијатива и се обврзаа да го почитуваат јасно изразениот став на жителите на град Скопје.
Наим Бајрами од Алијанса на Албанците и Беким Фазлиу од ДПА не успеаа да стигнат на заедничкото потпишување, но се обврзаа дека ќе ја стават официјално својата согласност до крајот на денот.
Во обемниот документ со барања до надлежните, граѓанската инизијатива бара:
– Активно вклучување на претставници од граѓанските иницијативи, на граѓани во припрема на сите планови, програми, стратегии, буџети, ГУП, мерки против загадувањето, во носење на сите одлуки кои ги засегаат жителите на Град Скопје.
– Објавување на јасни ингеренции на град Скопје и на општините во склоп на град Скопје, особено во областа на инспекција, интервенирање при зголемено загадување, горење на отпад и сл.
-Ограничување или времено запирање на градежни активности, во зависност од учеството во загадување на воздухот.
– Да се стимулира греење на гас, суви и нетретирани дрва, пелети и брикети од чисто дрво, а по потреба во критичните периоди и да се постави забрана за греење на останатите горива во домаќинствата, приватните и државните институции
– Објавување на Интегрираниот катастар на загадувачи на животната средина на град Скопје (базата на податоци) на веб страната за лесно пребарување по загадувач, медиум и сл.
– Инсистирање на покривање на HCH изомерните депонии на ОХИС, најризична
жешка точка, до крајот на годинава, без одлагање, во тесна соработка со МЖСПП и ДИЖС.
– Подигнување на свеста за спречување на неконтролирано палење на отпад и последиците од истото.
– Создавање на услови за селектирање и рециклирање на отпад и компостирање.
– Заштита од узурпација на зелените површини, како и зголемување на зелените површини во урбаните средини.
– Формирање на зелени коридори по течението на Вардар, Серава, Треска,
Лепенец.
– Масовно зазеленување на Скопје и одржување на новите засадени дрвја и зелени површини. Изведувањето да биде плански и стручно со видови кои максималноапсорбираат загадувачки супстанци, како тешки метали, бензен, PM, NOx, CO, SO2, VOC, а се соодветни на климатските промени и услови на Град Скопје, отпорни на болести, суша, силни поројни дождови, силни ветрови, многу ниски и многу високи температури.
– Воспоставување на пешачка зона во централниот дел и враќање на тротоарите на граѓаните.
– Изработка на издржана, безбедна густа мрежа на велосипедски патеки низ Скопје. СТОП за парцијални, несоодветни и небезбедни решенија.
– Субвенции за: обновливи извори на енергија, фотоволтаични кровови, нови котли за индивидуално централно греење, нови високоефикасни печки за огревно дрво, пелети и брикети од чисто дрво, енергетска ефикасност, премин на возилата на гас, првенствено за автобускиот превоз во Скопје и такси возилата.
– Задоволни сме што проблемот со загадениот воздух е централна тема во изборните програми на политичките партии и дека конечно гласот на граѓаните треба сериозно да биде земен предвид. Присуството на сите кандидати за прв човек на Скопје, и зголемениот интерес за оваа тема во јавноста, покажува дека без оглед на тоа колку сме сите ние различни, со различни интереси, етничка, религиозна или политичка припадност, имаме заеднички проблем, на чие решавање мора заеднички да работиме. Очекуваме од идниот градоначалник на Скопје, да ги вклучи граѓаните во процесот на носење на одлуките особено кога тие се однесуваат на нашето здравје и квалитетот на живот – велат од О2 коалицијата.