Кампањите против вакцините го земаат данокот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кампањите против имунизација на децата, стравот од квалитетот на вакцините и верувањето дека некои од нив предизвикуваат аутизам, ги донесоа првите негативни ефекти, пишува Дојче Веле.

Вакцината против морбили (мали сипаници), рубеола и паротит (МРП) е откриена во1963 година, но стравот од имунизација со оваа вакцина во Македонија трае и по повеќе од половина век. Кулминацијата ја достигна во изминатите неколку години поради бројните кампањи против имунизација на децата започнати од страна на родители, но и од страна на квази-експерти за оваа област. Влијание врз состојбата имаше и стравот од квалитетот на вакцините што се увезуваат во Македонија, како и неедуцираноста на дел од родителите и нивното стравување дека некои од вакцините предизвикуваат аутизам кај децата, податок кој научно не е потврден. Резултат од ваквиот сплет на околности, денес е – епидемија на морбили во Скопје, прогласена од Министерството за здравство, поради 12 нови случаи.

Мал одѕив за имунизација

По првите седум случаи на мали сипаници кои беа потврдени на крајот на минатиот декември во населбата Радишани во општина Бутел, една недела подоцна новите случаи доаѓаат од различни скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и повторно – Бутел. Во вториот бран од 12 лица со исти симптоми, за шест од нив наодот е потврден преку соодветни анализи, а за другите шест резултатите се очекуваат денеска. Заразените ја немале примено вакцината против МРП, а меѓу нив, освен деца на возраст од 8 месеци до 4 години, има и двајца возрасни. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани осум од заразените лица, најголем дел се со бронхопневмонија како најчеста компликација, а кај возрасните и со посериозна клиничка слика.

Епидемијата на морбили откри дека кампањите против имунизација резултирале со загрижувачки податоци. Според епидемиолозите, дури 15.000 деца од Скопје на возраст од 1 до 14 години не примиле вакцини против МРП. Тоа предизвика и нови мерки од Министерството за здравство.

„Принудени сме да донесеме привремена мерка, со која се забранува децата кои не се вакцинирани со МРП вакцина да се носат во градинките“, рече вчера министерот за здравство, Венко Филипче.

Но откри и уште еден податок – дека по првите случаи на морбили во Радишани, ни повиците за вакцинирање на децата пред Нова Година не дале поголем резултат.

„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст, со повиците за вакцинирање само 310 се вакцинираа, што е исклучително мала бројка“, рече министерот за здравство.

Поради страв од квалитетот на вакцините во Македонија, голем дел од родителите или не ги вакцинираат децата, или и натаму самоиницијативно купуваат вакцини од земји на ЕУ, најчесто од соседна Грција. Надлежните предупредуваат дека таквите вакцини се ризични поради недостиг од контрола при транспортот и недостиг на податоци како се чувани во аптеките. Односно, дали е запазен стандардот да се чуваат на температура меѓу 2 и 8 степени, која не смее да биде повисока или пониска и при транспортот, бидејќи може да предизвика несакани реакции или да нема никаков ефект по примањето.

Епидемија и во соседството

Важноста од имунизација против МРП е битна и поради фактот дека епидемија на морбили има и во регионот – во Србија и Романија. Поради слабиот одѕив за имунизација, во Романија од 2016 до 2017 година беа регистрирани 4.000 случаи на заболени од мали сипаници, од кои 70 отсто деца од една до четиригодишна возраст. Поголемиот дел од заболените потекнувале од пограничните области со Србија и со Бугарија. До април 2017 година во Романија од морбили починаа 23 лица, а двојно повеќе (46) до април 2018 година, кога бројот на заболени достигна до 12.000 регистрирани случаи, по што романската влада ја спушти возрасната граница за имунизација од 12 на 9 месеци.

Според податоци на СЗО, историјата на заболувања од мали сипаници покажува какво е значењето на вакцината. Пред масовните кампањи за вакцинација, големи епидемиии на мали сипаници избувнувале на две до три години, при што, според според податоци на СЗО, во просек умирале 2,6 милиони луѓе ширум светот. По помасовната употреба на вакцината, до 2016 година, глобалната бројка на починати лица паднала на околу 90.000. Според статистиките, од мали сипаници умираат еден до двајца на секои 1.000 заразени.

Извор: Дојче Веле