Каква врска имаат Фанта, Сименс, Хуго Бос и Буба со нацистите?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Што им е заедничко на Кока-Кола, IBM и Фолксваген? Сите три компании за време на Втората светска војна соработувале со германските нацисти.

Низ историјата во многу од овие компании се провлекуваат случаи на мачење, ропство и давање поддршка на нацистичкиот режим. Иако на ваквата листа се наоѓаат компании чие воено профитерство можеби и нема многу да ве интересира, постојат и такви зад чии весели реклами се крие мрачно минато.

Кока-Кола (посебно Фанта)

Компанијата за време на Втората светска војна беше „играч од двете страни“. Ги поддржуваа американските трупи, но продолжуваа да прават сокови и за нацистите. Во текот на 1941 година огранок од компанијата остана без сируп, а не можеа да ги обноват залихите поради американските воени рестрикции. Така, во таква нужда, тие иновираа нов пијалок, посебно создаден само за нацистите.

Станува збор за сок со овошен вкус кој беше наречен Фанта. Оттука, пред да стане портокаловата сестра на Кола, Фантата беше неофицијален пијалок на нацистичка Германија.

Форд

Хенри Форд беше на глас како познат антисемит, па неговата поддршка на нацистичкиот режим и не е некое големи изненадување. На својот 75 роденден (1938 година) Форд прими нацистички орден наменет за „важни странски личности“.

За време на војната, како секој класичен воен профитер, заработуваше од двете страни. Произведуваше возила и за нацистите и за сојузните сили, а познато е дека Адолф Хитлер често го истакнувал Хенри Форд како голема „инспирација“ и во личната канцеларија чувал негов голем портрет.

Стандард Оил

За своето воздухопловство да го подигне од површина, на Луфтвафе му беше потребно гориво со додаток од тетраетил олово, а Стандард Оил беше една од трите компании кои во тоа време можеа да произведат такво гориво.

Поради тоа, во компанијата одлучија дека заработката е побитна од идеалот, па на нацистите им продаваа гориво без кое тие ќе имаа голем проблем во воздухопловните сили. Компанијата подоцна се реформираше во Ексон Мобил, Шеврон и БП.

Чејс

Многу банки за време на Втората светска војна биле на страната на нацистите, а Чејс е една од најистакнатите (читај најлошите). Парискиот огранок на банката тргувал со нацистите, со амин од американската централа, и пред и после Перл Харбор.

Но, тоа е само врвот од сантата мраз, бидејќи со текот на годините, Чејс беше на удар од критиките поради замрзнување на сметките на европските Евреи, на кои со тоа им беа поткопувани шансите да преживеат и да стигнат до побезбедни краишта и земји. Истрагата која ја направи ВВС разоткри дека банката замрзнала повеќе од 100 сметки за време на војната.

Ај Би Ем (IBM)

Компанијата за време на војната произведувала уреди кои следеле сè, од залихи на нафта, преку возни редови на возовите кои сообраќале кон логорите на смртта, па сè до банкарските сметки на жртвите од холокаустот.

Во септември, 1939 година, кога Германија ја нападна Полска, Њујорк Тајмс пишуваше дека три милиони Евреи истиот миг ќе бидат одведени од Полска и голема е веројатноста дека ќе бидат истребени. Реакцијата на IBM на тоа? Допис во кој стои дека, поради новонастанатите „ситуации“, треба да се забрза производството на опрема за брзо распределување по азбучен ред.

Издавачка куќа „Рандом Хаус“ (Random House Publishing)

И додека денес во нивната издавачка понуда можете да најдете сè, од „Марсовци“ до Даниела Стил, компанијата Бертелсман А.Г., во чија сопственост била и RHP, за време на Втората светска војна објавувала пропаганден материјал за Хитлер или книги од типот на „Стерилизација и евтаназија: Придонес кон христијанската етика“.

Иако во сопственост на Бертелсмен биле и други компании, Рандом Хаус е интересна поради контроверзиите со кои беше поврзана во 1997 година, кога во речникот на Вебстер одлучија да ја прошират дефиницијата за зборот „нацист“ врз основи кои се „фанатично посветени на контролирање на одредени активности, пракси и слично“.

Многумина овој потег го осудија како тривијализација на погубните намери и потези на нацистите.

Кодак

Германскиот огранок на Кодак, за време на Втората светска војна, ги користел логорашите од концентрационите логори, а и многу други европски ограноци соработувале со нацистичката влада. Вилхелм Кеплер, еден од водечките економски советници на Хитлер, бил поврзан со Кодак, а и пред почетокот на војната ги соведувал Кодак и многу други американски компании дека е паметно да ги отпуштат своите вработени со еврејско потекло.

Хуго Бос

Уште во периодот од триесеттите години на минатиот век компанијата почнала со производство на униформи за нацистите, а причината за тој потег е едноставна – самиот Хуго Бос се придружил на Национал-социјалистичката партија и склопил доходовен бизнис за изработка на униформи за младината на Хитлер, пешадијата и СС силите. Сето тоа ја подигнало компанијата на повисоко ниво и тоа само осум години откако била основана.

Работата им одела толку добро што морале да увезат робовска работна сила од Полска и Франција. Во 1997 година, синот на Хуго, Зигфрид Бос, за едно австриско списание, изјави: „Секако дека татко ми бил со нацистите. Но, кој во тоа време не бил со нив?“

Фолксваген

Фердинанд Порше, човекот кој стои зад Фолксваген и Порше, со Хитлер се запознал во 1934 година и со него разговарале за идејата да се создаде „автомобил за народот“. Фирерот му сугерирал да создаде возило во форма на бубачка. На тој начин настанала легендарната Буба, иако многумина тврдат дека Хитлер идејата за истата ја украл од еврејскиот дизајнер Јозеф Ганц, кој слично возило претставил една година порано.

Се верува дека за време на Втората светска војна, четири од пет вработени во фабриката од Фолксваген биле таму принудно, а Порше, кој лично се познавал со Хајнрих Химлер, робовите директно ги доведувал од Аушвиц.

Бајер

За време на војната, компанијата IG Farben го произведувала озлогласениот “zyklon B” кој нацистите го користеле во гасните комори. Финансиски ги помагале и „експериментите“ на Јозеф Менгеле, а откако завршила војната, иако далеку побогата отколку на почетокот, компанијата се распаѓа. Бајер, како еден од нејзините делови, станува самостојна компанија.

Инаку, познатиот аспирин го создал вработен во Бајер, Артур Ајхенгрун, но имајќи во предвид дека бил евреин, компанијата не сакала да признае дека лекот го иновирал евреин, па заслугите му ги припишале на Феликс Хофман.

Хелга Вехмајер, прв човек на компанијата во 1995 година јавно се извини на Ели Вајсел за соучество на компанијата во холокаустот.

Сименс

Како и многу други компании, така и Сименс, за време на војната, ја искористил робовската работна сила, но оваа компанија нив ги ангажирала за време на изработката на гасните комори во кои нацистите подоцна ќе ги убиваат.

После завршувањето на војната, компанијата го имаше еден од најлошите моменти во историјата на било која компанија. Имено, во 2001 година тие се обидоа да го заштитат зборот zyklon, бидејќи планираа со тоа име да ја наречат новата линија производи, меѓу кои е линијата плински печки.

Неколку здруженија реагираа поради очигледната поврзаност со zyklon B, кој се користел во гасните комори од страна на нацистите.