Каква судбина ги чека борците од фамозниот полкот Азов во руско заробеништво?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скоро сите украински војници кои се припадници на полкот Азов се во руско заробеништво. Врховниот суд треба да реши дали полкот ќе биде оквалификуван како терористички. Изјавите на политичарите од руската Дума не навестуваат ништо добро, пренесува Дојче Веле.

Врховниот суд ќе се занимава со прашањето дали украинскиот полкот Азов треба да биде третиран како терористички. За борците од фабриката за челик во Мариупол кои се во руско заробеништво, одлуката ќе има последици. Воени заробеници – така ги гледа меѓународната заедница. Воени злосторници – така ги гледаат многу руски пратеници.

Пратеникот од Думата, Анатолиј Васерман, вели дека се милитантни фашисти кои – наспроти украинските надежи – никогаш не би требало да бидат предмет на размена. „Почнувајќи со оние кои беа директно вклучени во убиствата на цивили, па сѐ до оние кои се китат со нацистички тетоважи.”

Претседателот на Советот за меѓународни прашања, Леонид Слуцкиј, оди и чекор понатаму. На борците од полкот Азов им префрлаат монструозни злосторства против човештвото и се бара повторно воведување на смртната казна.

Сето тоа се изјави кои не навестуваат ништо добро. Заменик министерката за одбрана на Украина, Хана Малјар, се надева дека притоа се работи само за политички пораки кои се наменети за сопствената јавност и за да се постигне пропаганден ефект. „Што се однесува до процесот на преговори, тој продолжува”, вели таа.

Дали зад кулисите, настрана од јавноста, навистина може да се договори размена на заробеници е тешко да се каже. Руското министерство за одбрана се труди да ја оспори загриженоста дека борците во моментов не се третирани според меѓународни конвенции потпирајќи се на објави од слики и изјави од заробеници.

„Условите се подобри отколку што очекувавме. Имаме душеци и ќебиња. Јадењето е океј, доволно е да се заситиш, па дури и за нешто повеќе од тоа”, вели еден заробеник. Командантот на полкот Азов, Денис Прокопенко, смеел да се чуе телефонски со сопругата. И рекол дека засега сѐ е во ред. И од други слушнала дека условите во затворот биле повеќе или помалку добри. Но, таквите наводи не може да се проверат.

Ако се прашува водачот на самопрогласената т.н. „Народна република Доњецк”, Денис Пушилин, на борците од полкот Азов треба да им се суди во Донбас. И според тамошните закони. Таму нема мораториум за смртната казна, за разлика од Русија. Пушилин бара меѓународен трибунал. Веќе се работело на соодветен предлог. „Не е исклучено дека ќе има трибунали. Како и по Втората светска војна”, вели тој. Познато било дека пред Нирнберг имало трибунали и во Киев и Харков, тврди тој.

Но, Русија, исто така, има повеќе начини кривично да ги гони борците од Азов. Не само затоа што многумина во Донбас имаат руски пасоши, туку е доволно и само ако стореното кривично дело во странство е насочено против интересите на Русија, тврди адвокатот за човекови права Иван Павлов во објава на социјалната мрежа Телеграм. Обвиненијата може да се движат од „суров третман на воени затвореници и цивили“ до таканаречена „рехабилитација на националсоцијализмот“. Само тоа може да резултира во долготрајни затворски казни под најтешки услови. Доколку Врховниот суд официјално го класифицира полкот Азов – кој од 2014 година во Русија јавно е означен како десничарско екстремистички и како терористички, казните најверојатно ќе бидат зголемени. Дури и ако таквата одлука теоретски не може да се примени ретроактивно.